Showing posts with label превод. Show all posts
Showing posts with label превод. Show all posts

28 септември 2007

Златно перо за „Петар Пан во црвено“


Под мотото „Не го убивајте гласникот“, Меѓународната федерација на преведувачи на 30 септември го прославува Меѓународниот ден на преведувачите.

Во Македонија, како и секоја година и оваа по овој повод, Советот на Меѓународната средба на книжевни преведувачи – Тетово ги додели наградите за книжевен превод на дело објавенo во изминатата година.

Меѓу доделените награди, особена чест ни е што добитник на наградата Златно перо е Марија Тодорова за својот превод од англиски на македонски јазик на делото „Петар Пан во црвено“ од Џералдин Макоркран, во издание на Вермилион.

„Петар Пан во црвено“ е првото официјално продолжение на оригиналниот „Петар Пан“ од Џ.М. Бери.

Со секоја купена книга, читателите на „Петар Пан во црвено“ помагаат да се подобрат условите во кои се лекуваат децата на Институтот за белодробни заболувања - Козле.

06 јули 2007

Преведувачи за деца


Translators 4 Kids (T4K) е непрофитна организација која обединува преведувачи и луѓе од цел свет кои го сакаат јазикот. Целта на организацијата е да ги користи зборовите за доброто на децата од целиот свет.

Првичниот проект на организацијата е да објави збирка на приказни, напишани од деца од целиот свет. Книгата ќе биде преведена на различни јазици и ќе биде достапна во колку што е можно повеќе земји. Добивката од продажбата на книгата ќе биде искористена за да се најде решение за проблемите со кои многу деца од светот се соочуваат секојдневно.

Идните проекти опфаќаат:

  • објавување на проекти на други медиуми, како што е CD, со цел да им се помогне на децата
  • развивање на систем во кој преведувачите ќе бидат културни амбасадори кои ќе се залагаат за правата на децата
  • создавање на врски со сите хуманитарни организации кои помагаат за грижа и добросостојба на децата
  • развој на корпоративни и приватни програми за спонзорства кои ќе ја движат организацијата и ќе помагаат во остварувањето на нејзината мисија

И вие можете да помогнете преку Translators 4 Kids ако сакате да волонтирате или да донирате.

04 јуни 2007

Преводот и културната разноликост

Генералното Собрание на Обединетите Нации ја прогласи 2008 година за меѓународна година на јазиците. Целта е да се промовира единството преку лингвистичката разноликост, пишува во нивното известување за печат. Собранието ги повика државите и Секретаријатот да работат заедно на заштита на сите јазици во светот и побара од Секретаријатот да назначи координатор за повеќејазичност. Претставниците од Андора изјавија дека: „Заштитата на јазиците е еден од основните столбови на културната разноликост“.

Светот се движи, а комуникацијата игра сé позначајна улога. Сепак, треба ли сложеноста на оваа ситуација да нé натера да прифатиме lingua franca само за да стане поедноставно или треба да ги браниме нашите различни идентитети, културната разноликост и малите јазици? Одговорот е сосема јасен, а УНЕСКО го вметна во својата Универзална декларација за културна разноликост: „Културната разноликост е неопходна за човештвото колку што е биолошката разноликост неопходна за природата“.

Никаде не е нагласено, но оваа разноликост не би можела да биде загарантирана да не е дискретното присуство – омниприсуството – на преводот. Обиди се и замисли само еден единствен ден без превод? Преведувачите се во с’ржта на комуникацијата, вечни пренесувачи на идеите и акциите кои го движат светот во кој живееме. Преведувањето е во срцето на човечката интеракција и ги чува нашите различни култури и лингвистички идентитети.

Постојат многу различни начини како да се постигне ова, но еден од најзначајните е преведувањето на литературата. Литературата ја одразува душата на една нација, а изложеноста на литературата на другите народи ни помага подобро да развиеме почит за сето богатство што постои.