Showing posts with label мир. Show all posts
Showing posts with label мир. Show all posts

25 септември 2007

Меѓународен ден на мирот

Уште во 1981 година Генералното собрание на Обединети нации прогласи Меѓународен ден на мирот. Во 2001 година за Меѓународен ден на мирот беше прогласен 21 септември.

Резолуцијата вели: „Меѓународниот ден на мирот е ден за глобално прекинување на огнот и за ненасилство, покана до сите нации и луѓе на тој денот да ги прекинат сите непријателства...“

„Ги повикува сите земји членки, организации во системот на Обединетите нации и невладините организациии, сите лица на соодветен начин да го одбележат Меѓународниот ден на мирот, вклучувајќи образовни активности и подигање на јавната свест, како и соработка со Обединетите нации во воспоставување на глобално прекинување на огнот.“

Овој ден нуди можност поединците, организациите и нациите на ист ден да изведат практични активности за мир. На овој ден, милиони луѓе учествуваат на настани како што се концерти, работилници и собири за мир.

Во своето обраќање по повод Денот на мирот оваа година, Генералниот секретар Бан Ки Мун изјави дека „Мирот е највисоката цел на Обединетите нации.“

Меѓутоа, во годината има уште 364 дена за делување во полза на мирот. Како инспирација можете да ја погледнете или некому на глас да му ја прочитате интересната приказна за Децата на мирот.

05 април 2007

Конкурс

По повод 2 април, светскиот ден на литературата за деца,


издавачката куќаВЕРМИЛИОНраспишува

НАГРАДЕН КОНКУРС

ЗА КНИГА ЗА ДЕЦА ВО СЛУЖБА НА МИРОТ И ТОЛЕРАНЦИЈАТА

Право на учество на конкурсот имаат сите граѓани на Република Македонија. Пристигнатите дела треба да ги исполнуваат следните услови:

  • Да бидат оригинални дела на македонски јазик (во оригинал или превод) и не смеат да бидат претходно објавувани;
  • Да спаѓаат во жанрот роман или збирка раскази за деца;
  • Да бидат наменети за деца од 8-14 годишна возраст;
  • Да ги поттикнуваат децата да ги прифаќаат разликите и да одбиваат секаков вид на дискриминација, да ги прават поотворени кон другите култури и начини на живот и да ги промовираат концептите и идеите на толеранцијата и мирот.

Конкурсот е анонимен. Текстовите во електронски облик (компакт диск или дискета) треба да се предадат најдоцна до 15 ноември 2007, во шифриран плик испратен на следната адреса:

ВЕРМИЛИОН, П.Фах 288, 1001 Скопје

Во друг, посебно означен плик, што ќе биде отворен по изборот, треба да биде наведена шифрата и контакт информации за авторот на делото.

Најдобрата необјавена книга за деца во служба на мирот и толеранцијата ќе биде наградена со откупна парична награда од 30.000 денари и ќе биде објавена.

Доставените дела не се враќаат. Дозволени се номинации само од авторите на делата. Одлуката на жирито е конечна. Доколку според жирито ниту едно номинирано дело не заслужува награда, истата нема да биде доделена.

Учесниците ќе бидат известени за резултатите од конкурсот најдоцна до 1 февруари 2008. Свеченото доделување на наградата и претставувањето на објавеното дело ќе биде на 2 април 2008 година.

(Објавено во „Дневник“ на 2.4.2007)