Showing posts with label книга. Show all posts
Showing posts with label книга. Show all posts

26 март 2008

Дигитални библиотеки за деца

Дигиталните библиотеки се организирани колекции на дигитални содржини кои е достапни до широката јавност. Можат да содржат материјали кои биле дигитализирани, како што се дигитални копии на книги или други материјали од библиотеки и архиви или пак материјали кои во оригинал биле продуцирани како дигитални. Овие информации се достапни преку компјутер и интернет врска.

Едни од најстарите и најпознатите дигитални библиотеки се
Проектот Персеj , Проектот Гутенберг и ибиблио.

Предноста на дигиталните библиотеки е тоа што се лесно достапни, имаат повеќе простор од традиционалните библиотеки, полесни се за одржување и се поевтини.

А сега замислете библиотека каде книгите се подредени по боја и по форма или според тоа какви чувства будат. Ваква е
Меѓународната детска дигитална библиотека . Тука можете да најдете околу 200 книги за деца од различни земји од светот и на различни светски јазици. Три од книгите се на македонски јазик, а другите можете да ги искористите да научите некој од светските јазици.

Друга дигитална библиотека на која можете да најдете книги од околу 47 европски земји и нивните национални библиотеки е
Европската библиотека . Во неа има и неколку колекции на книги за деца. Потоа, можете да ги погледнете и Болдвин Проектот за литература за деца, Болдвин библиотеката за литература за деца, Книги за деца на интернет Розета проект, Светско училиште.

Во Македонија сега за сега дигитални книги можете да најдете на интернет страната на
Библиотеката „Браќа Миладиновци“ .

11 март 2008

Илустрациите во книгите за деца конечно добиваат признание


Не е „Мона Лиза“ ниту пак „Мајката на Вистлер“, но сликите како „Многу гладната гасеница“ или други познати илустрации од книгите за деца се стекнуваат со почит во високите уметнички кругови.
Иако некогаш се сметаше за жанр кој е забавен, но кој лесно се заборава, тој сé почесто станува дел од музејските колекции и се изучува на часовите во уметничките училишта.
Истовремено, како што расте почитта за уметноста во книгите за деца, следат и парите. Колекционерите ги купуваат илустрациите како инвестиција. Експертите велат дека сигурен знак дека некој жанр е прифатен е кога музеите, колекционерите и филантропите се подготвени да ги отворат паричниците, а ова сé почесто е случај со уметноста за деца.
„Оваа уметничка форма не се вреднува колку што заслужува иако големите илустратори на книги за деца работата под влијание на историјата на уметноста и модерните трендови,“ вели Х. Николс Б. Кларк, директор на музејот Карл (
Carle Museum), во кој изложуваат бројни уметници и во чија постојана колекција се делата од долгогодишната кариера на Ерик Карл, вклучувајќи ја и „Гладната гасеница“.
Музејот Такома, Уметничкиот институт од Чикаго и Новобританскиот музеј за американска уметност од Конетикат во својата програма имаа изложби на илустрации за деца. „Не можам да кажам дека ги гледаме исто како што би гледале еден Моне, но сепак мислам дека им се посветува сé повеќе внимание,“ вели Џин Сауса, директорот на Уметничкиот институт од Чикаго. „Тоа е посебна дисциплина. Не мора да се натпреварува со Моне и сличните на него бидејќи има своја посебна вредност како уметност.“

25 септември 2007

Меѓународен ден на мирот

Уште во 1981 година Генералното собрание на Обединети нации прогласи Меѓународен ден на мирот. Во 2001 година за Меѓународен ден на мирот беше прогласен 21 септември.

Резолуцијата вели: „Меѓународниот ден на мирот е ден за глобално прекинување на огнот и за ненасилство, покана до сите нации и луѓе на тој денот да ги прекинат сите непријателства...“

„Ги повикува сите земји членки, организации во системот на Обединетите нации и невладините организациии, сите лица на соодветен начин да го одбележат Меѓународниот ден на мирот, вклучувајќи образовни активности и подигање на јавната свест, како и соработка со Обединетите нации во воспоставување на глобално прекинување на огнот.“

Овој ден нуди можност поединците, организациите и нациите на ист ден да изведат практични активности за мир. На овој ден, милиони луѓе учествуваат на настани како што се концерти, работилници и собири за мир.

Во своето обраќање по повод Денот на мирот оваа година, Генералниот секретар Бан Ки Мун изјави дека „Мирот е највисоката цел на Обединетите нации.“

Меѓутоа, во годината има уште 364 дена за делување во полза на мирот. Како инспирација можете да ја погледнете или некому на глас да му ја прочитате интересната приказна за Децата на мирот.

12 септември 2007

Светски ден на писменоста

8 септември е прогласен од УНЕСКО за Ден на писменоста. Оваа година темата на која е ставен посебен акцент е „Писменоста и здравјето“. Во чест на Денот на писменоста, на Африканската регионална конференција за глобална писменост која се одржа на 10 септември во Бамако, Мали, УНЕСКО ги додели Наградите за писменост. Овие награди се доделуваат секоја година како признание за посебен придонес во борбата против неписменост.

Еден од петте добитници на награди е Проектот за книги за деца во Танзанија, невладина организација која работи на создавањето на култура на читање помеѓу младите, но и меѓу возрасните, преку зајакнување на локалната издавачка индустрија. Друг е организацијата Посегни и прочитај од САД која соработува со здравствените установи за да допре до децата од најсиромашните семејства кои најчесто не завршуваат училиште, промовирајќи писменост и култура на читање.

И неколку писатели се приклучија кон борбата на УНЕСКО против неписменоста. „Писателите за писменост“ е иницијатива во која учествуваат писатели како Маргарет Атвуд, Надин Годимер, Тони Морисон, Пауло Коељо и многу други. Во новата публикација на УНЕСКО, „Азбука на надежта“ , овие и други светски мајстори на пишаниот збор се залагаат за писменост за сите жители на нашата планета.

(фото: © UNESCO)

19 август 2007

Наскоро во книжарниците

К.В. Јохансен - Тори и принцот-змија

„Тори и принцот-змија“ е магична авантура полна со акција и неодолив хумор.

Откако некој ќе го киднапира престолонаследникот Лијас и никој нема да се пријави за да го спаси, Тори и Оревче сфаќаат дека е време да преземат нешто. Двајцата пријатели патуваат низ планините, низ шумата, каде мораат да се справат со гоблинот шпион, лутата и смртоносна горска вила и загатката на пејачката Враноперка. Овие средби им помагаат да откријат како да го ослободат принцот и повторно да му го вратат човечкиот облик.

Ако ви се допадна оваа книга ќе ги сакате и другите три во серијата:
„Тори и змејот“
„Тори и жар птицата“

„Тори и пиратската кралица

Криста Јохансен е авторка на шест книги за деца, една историја на детската литература и серија на сликовници. Живее во Саквил, Њу Брунсвик, Канада. Кога била мала најмногу сакала да чита и да шета со своето куче низ пасиштата и шумите.

К.В Јохансен смета дека најважното нешто што треба да го направиш додека си млад и ако сакаш да пишуваш е да читаш многу, да се обидуваш да пишуваш и да се усовршуваш. Треба да ги читаш и добрите автори што пишувале порано, а не само најновите и најпопуларните книги.


Дик Кинг Смит - Водниот коњ

„Водното коњче“ е прекрасна приказна за читање на глас. Кога осумгодишната Кирсти го донесе дома необичното јајце што го најде на брегот на Шкотска, нејзиното семејство не ни сонуваше дека ќе се изведе. Но следниот ден Кирсти во кадата најде малечко морско чудовиште! Дел коњ, дел жаба, дел желка и дел крокодил, ова беше најнеобичното суштество што го имаа видено. Само дедото на Кирсти знае што е - воден коњ!

Милото суштество беше совршено домашно милениче. Единствениот проблем е што не престануваше да расте! Ќе му најдат ли доволно голем дом на водното коњче?

Авторот Дик Кинг Смит најчесто пишува за животни: селските фантазии, како што тој сака да ги нарекува, му се најомилени. Сака да пишува за деца, да се среќава со децата кои ги читаат неговите книги и кои уживаат во она што тој го создава.

Неодамна можевте да ги гледате екранизациите на две негови книги: „Бејб, галантното прасе“ (добитник на Оскар во 1995 година) и „Мрежата на Шарлота“.

06 јули 2007

Преведувачи за деца


Translators 4 Kids (T4K) е непрофитна организација која обединува преведувачи и луѓе од цел свет кои го сакаат јазикот. Целта на организацијата е да ги користи зборовите за доброто на децата од целиот свет.

Првичниот проект на организацијата е да објави збирка на приказни, напишани од деца од целиот свет. Книгата ќе биде преведена на различни јазици и ќе биде достапна во колку што е можно повеќе земји. Добивката од продажбата на книгата ќе биде искористена за да се најде решение за проблемите со кои многу деца од светот се соочуваат секојдневно.

Идните проекти опфаќаат:

  • објавување на проекти на други медиуми, како што е CD, со цел да им се помогне на децата
  • развивање на систем во кој преведувачите ќе бидат културни амбасадори кои ќе се залагаат за правата на децата
  • создавање на врски со сите хуманитарни организации кои помагаат за грижа и добросостојба на децата
  • развој на корпоративни и приватни програми за спонзорства кои ќе ја движат организацијата и ќе помагаат во остварувањето на нејзината мисија

И вие можете да помогнете преку Translators 4 Kids ако сакате да волонтирате или да донирате.

09 мај 2007

За јазикот во „Петар Пан“

Кој не го помни Петар Пан, палавото дете кое лета на вилински прав и не сака никогаш да порасне. Овој јунак на шкотскиот писател Џ.М Бери, “роденво 1911 година, стана симбол за радостите на детството, а книгата Петар Пан се претвори во класика на литературата за деца, преведувана на речиси сите познати јазици.

Меѓутоа, како и голем дел од литературата за деца создавана во минатите векови (пр. делата на Радјард Киплинг или Марк Твен), иПетар Панне е лишен од делови кои денес предизвикуваат чудење. Книгата се одликува со јазик кој во современи услови на моменти прозвучува не само чудно, туку и неприфатливо.

На пример, третманот на женските ликови воПетар Пане многу стереотипен. Кога ќе го споредиме бројот на женски ликови во оваа книга со бројот на машки ликови, ќе видиме дека тој е многу помал. А и оние неколку женските ликови кои се присутни (Венди, Ѕвончичка, Тигрестата Лилија и сирените), имаат функција да се натпреваруваат меѓу себе за вниманието на Петар Пан, кој не им возвраќа на ист начин. Малата Венди е затворена во традиционалната улога на домаќинка и мајка. Па така, додека изгубените момчиња смислуваат и учествуваат во авантури, нејзината улога е да се грижи за нив.

Џералдин Макоркран, авторката на новото продолжение на приказната за Петар Пан, Петар Пан во црвено (2006), се обидува (и успева) да остане многу блиска до оригиналот на Џ.М. Бери, без некритичко преземање на спорните моменти. Макоркран своето дело и ликовите во него ги прави посоодветни за денешната култура на градење на почит кон другите. Тоа е најочигледно во нејзината ублажена слика за родовите разлики и улоги. Едно од изгубените момчиња се враќа во Недојдија како девојче, новата вила е момче, а мајките добиваат помалку важна улога (сега и татковците ги бараат своите деца). Венди повеќе не е само домаќинка, туку и самата презема иницијатива и учествува во авантурите.

Покрај родовите стереотипи, оригиналниотПетар Панстрада и од етнички стереотипи. Тоа најмногу се забележува во начинот на кој Џ.М. Бери ги претставува староседелците на Американскиот континент. За нив го употребува зборот Црвенокошци и ги претставува единствено како примитивни воини. Во обид да остане што поверна на оригиналот, Макоркран ги задржува воените бои и земањето скалпови како опис на староседелците на Америка, а зборот Црвенокошци зачудувачки повторно се среќава на неколку места во книгата. Ако за Џ.М. Бери успеавме да најдеме објаснување во времето во кое живеел, во кое овие стереотипи биле секојдневни и вообичаени, тогаш станува тешко да се објасни зошто Макоркран одлучила да ги задржи стереотипите од некое друго време во денешни услови кога тие не соодветствуваат на променетите состојби.

Како заклучок, и оригиналот и продолжението на Петар Пан се книги чија фантазија ги плени читателите од сите возрасти. Сепак, не смееме да заборавиме дека, како и кај другите книги за деца, потребно е отворено да поразговараме со децата кои ги читаат за стереотипите кои, намерно или не, се присутни во нив.

23 април 2007

Саем на детската книга во Болоња

Од 24 до 27 април во Болоња се одржува Саемот на детската книга, најголемиот меѓународен собир на автори, преведувачи, илустратори и издавачи на книги за деца.



Централен настан на саемот ќе биде прославата на 100 години од раѓањето на Астрид Линдгрен, прочуената шведска писателка за деца, која на овој свет ја донесе Пипи Долгиот Чорап.

Светски ден на книгата и авторските права


23 април е избран од УНЕСКО како ден кога се слават писателите и нивните дела.
Идејата за празникот потекнува од Каталонија, каде на овој ден традиционално се подарува роза за секоја купена книга.
Прославете го овој празник со убава книга која ќе ве развесели, натажи, подучи...

17 април 2007

Петар Пан во акција за помош на детското здравје

Како поддршка на работата на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле, Скопје, издавачката куќа ВЕРМИЛИОН донира дел од приходите од книгата “Петар Пан во црвено” од Џералдин Макоркран, во превод на Марија Тодорова, издание на Вермилион. Десет проценти од секоја купена книга ќе бидат наменети за реновирање на одделение во Институтот за белодробни заболувања кај децата.

Во духот на изворната донација на Џ.М. Бери, кој со подарувањето на авторските права за „Петар Пан“ на Детската болница „Грејт Ормонд Стрит“ одлучи неговиот книжевен јунак не само да ги забавува, туку и да им помага на децата, ВЕРМИЛИОН со македонското издание на оваа книга ќе се обиде да им помогне барем малку на децата кои се лекуваат во Институтот за белодробни заболувања во Козле.



Македонското издание на “Петар Пан во црвено” ќе биде промовирано на Саемот на книгата од 17 до 22 април, на штандот на ИЛИ-ИЛИ, а по затворањето на саемот ќе може да се најде во книжарниците ширум Македонија.

Издавачката куќа ВЕРМИЛИОН е посветена на промовирање литература за деца и млади, во превод и од домашни автори, која поттикнува меѓународно разбирање и ширење на вредностите на културата за мир. Неодамна оваа издавачка куќа ја востанови и откупната награда за необјавен роман или збирка раскази за деца од македонски автор кој промовира мир и толеранција.

Сите изданија на ВЕРМИЛИОН ќе се печатат на рециклирана хартија.

Благодарност до ИЛИ-ИЛИ и Репринт за нивната помош во реализацијата на оваа акција.


Прво официјално продолжение на „Петар Пан“ од Џ.М. Бери



Како настана оваа книга

Џемс Бери, авторот на оригиналниотПетар Пан”, кој почина во 1937 година, ги остави сите авторски права поврзани со Петар Пан на детската болница Грејт Ормонд Стрит во Лондон.

Во август 2004 година беше објавен конкурс за продолжение на безвременото ремек дело на Џ.М. Бери, “Петар Пан”. Меѓу речиси 200 писатели од различни националности, кои се пријавија со краток заплет и пробно поглавје, беше избрана британската авторка Џералдин Макоркран.

Синопсис

Дејството наПетар Пан во црвеносе случува во 1920-тите и на читателите им нуди многу авантури, возбуди и опасности.

Новата книга за Петар Пан открива што му се случило на момчето кое одлучи никогаш да не порасне по заминувањето на Венди и загубените момчиња.

Зеленото лето се претворило во црвена есен. Големата војна однела еден живот (Мајкл), децата пораснале и имаат свои деца, а од Недојдија истекуваат вознемирувачки соништа. Кога Дарлингови и изгубените момчиња ќе дојдат назад во Недојдија ќе откријат дека таа е променета. Некој живее во подземното дувло, а прамени коса од сирени се расфрлени по брегот. Пиратскиот брод на Капетан Кука е насукан без капетан и посада. Откако куќата на Венди ќе падне од Недрвото, не им преостанува ништо друго освен да тргнат на пат кон центарот на Недојдија. На патот ги чекаат пирати, циркус, животни, вештерки, вили... и опасности кои ќе ја стават на проба одлучноста дури и на најголемиот херој.

Што велат другите заПетар Пан во црвено“

Уште од првата страница, ниту еден обожавател на Петар Пан нема да остане рамнодушен