Showing posts with label ОН. Show all posts
Showing posts with label ОН. Show all posts

02 октомври 2007

Ден на ненасилството

Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 2 октомври – роденденот на Махатма Ганди – за Меѓународен ден на ненасилството со цел да се промовира пораката на мирот низ цел свет. Иницијативата потекнала пред неколку години од децата, главно од Јапонија и Кореа, кои посетувале курс по англиски јазик во Париз и гледале филм за Ганди.

Индискиот лидер за независност употребувајќи нов начин за масовна мобилизација и ненасилна акција, го собори колонијализмот и ги зацврсти корените на граѓанските, политичките и економските права. Со ова инспирираше и многу други борци за слобода како Нелсон Мандела и Мартин Лутер Кинг.


Собранието на ОН сакајќи да обезбеди култура на мир, толеранција, разбирање и ненасилство ги повика државите, телата на ОН, регионалните и невладините организации и поединците да го одбележат Денот на ненасилството преку едукација и подигање на јавната свест.

Вермилион во сите свои активности ги следи принципите на промовирање на културата на мир и ненасилството. За таа цел распишавме и откупен конкурс за книга за деца која ги промовира овие вредности. Крајниот рок за конкурирање наближува. Побрзајте и пријавете се.

25 септември 2007

Меѓународен ден на мирот

Уште во 1981 година Генералното собрание на Обединети нации прогласи Меѓународен ден на мирот. Во 2001 година за Меѓународен ден на мирот беше прогласен 21 септември.

Резолуцијата вели: „Меѓународниот ден на мирот е ден за глобално прекинување на огнот и за ненасилство, покана до сите нации и луѓе на тој денот да ги прекинат сите непријателства...“

„Ги повикува сите земји членки, организации во системот на Обединетите нации и невладините организациии, сите лица на соодветен начин да го одбележат Меѓународниот ден на мирот, вклучувајќи образовни активности и подигање на јавната свест, како и соработка со Обединетите нации во воспоставување на глобално прекинување на огнот.“

Овој ден нуди можност поединците, организациите и нациите на ист ден да изведат практични активности за мир. На овој ден, милиони луѓе учествуваат на настани како што се концерти, работилници и собири за мир.

Во своето обраќање по повод Денот на мирот оваа година, Генералниот секретар Бан Ки Мун изјави дека „Мирот е највисоката цел на Обединетите нации.“

Меѓутоа, во годината има уште 364 дена за делување во полза на мирот. Како инспирација можете да ја погледнете или некому на глас да му ја прочитате интересната приказна за Децата на мирот.