19 February 2019

Меѓународен ден на литературата за деца

Прочитајте ја пораката на Меѓународниот одбор за книги за млади (МОКМ) кој од 1967 година секој 2 април го посветува на литературата за деца. Оваа година спонзорот на Меѓународниот ден на литературата за деца е Литванија.


Книгите ни помагаат да забавиме 

Брзам! ... Немам време! ... Довидување! ... Овие зборови ги слушаме речиси секојдневно, не само во Литванија, која е во самиот центар на Европа, туку и на многу други места ширум светот. Исто толку често слушаме дека живееме во време на премногу информации, трчаница и брзаница. 
Но ако во раце земете книга, веднаш ќе ја почувствувате промената. Се чини дека книгите имаат еден прекрасен квалитет – ни помагаат да забавиме. Штом ќе отворите книга и ќе се нурнете во нејзините смирени длабочини, повеќе не се плашите дека случувањата ќе прелетаат покрај вас со неверојатна брзина и дека нема да успеете да видиш ништо. Одеднаш, почнувате да верувате дека не мора да летате како муви без глави за да завршите некоја итна, но неважна работа. Во книгите, нештата се случуваат тивко и според точно определен редослед. Можеби бидејќи страниците им се избројани, можеби бидејќи нежно и смирувачки шушкаат додека ги прелистувате. Во книгите, настаните од минатото смирено се среќаваат со настаните кои допрва треба да дојдат.
Универзумот на книгата е ширум отворен; среќно ги обединува реалноста со фантазијата. И понекогаш се прашувате дали беше во книга или на јаве кога за прв пат сте забележале колку се убави капките од растопениот снег кои се слеваат од кровот, или колку е пријатен за гледање соседниот ѕид обраснат во мов. Од каде знаете дека плодовите на пираката не се само убави туку и горчливи? Дали во книга или на јаве лежевте на летната трева, или седевте со скрстени нозе, гледајќи ги облаците како пловат на небото?
Книгите ни помагаат да не итаме, книгите нé учат да забележуваме, книгите нé канат па дури и нé принудуваат малку да седнеме. Обично читаме седнати, со книга на маса или во рацете, нели? 
А дали сте искусиле уште едно чудо – додека читате книга, книгата ве чита вас? Да, се разбира, книгите можат да читаат. Тие читаат од вашите чела, веѓи, крајчињата на вашите усни кои се креваат и спуштаат, но, пред сé, книгите читаат од вашите очи. И додека гледаат во вашите очи тие знаат ... па, и сами знаете што! 
Сигурен сум дека на книгите никогаш не им е досадно додека ги држите в раце. Оној кој ужива да чита – дете или возрасен – е многу поинтересен од некој кој не сака книги, кој постојано некаде ита, кој никогаш нема време да седне, кој не забелжува ништо околу себе.
На Меѓународниот ден на литературата за деца, мојата желба за сите нас е: 
Да има интересни книги за читателите и интересни читатели за книгите!

Напишано и илустрирано од Кестутис Каспаравичиус
превод од литвански на англиски Даина Валентинавичиене, 
превод на македонски Марија Тодорова.