03 March 2018

Вo книгата малото е големо

Пораката на ИББИ по повод 2 април, Светскиот ден на книгите за деца, роденденот на Ханс Христијан Андерсен. Покровител оваа година е Латвија. 
Луѓето ги привлекува ритамот и повторливоста, исто како што магнетската енергија ги организира металните честички во експериментот по физика, исто како што снегулката создава кристали од водата. Кога слушаат приказна или песна, децата уживаат во повторувањето, рефрените и универзалните мотиви, бидејќи можат да бидат секој пат повторно организирани – внесуваат правилност во текстот. На светот му даваат прекрасен ред. Сè уште се сеќавам дека кога бев дете се борев за правда и симетрија, за еднакви права и за лево и за десно: додека удирав некој ритам на масата броев дали секој прст добива еднаков број удари, за никој да не биде навреден. Имав обичај да аплаудирам удирајќи ја десната рака врз левата, но ова ми изгледаше неправедно па научив да го правам обратно – левата врз десната. Оваа инстинктивна потреба за рамнотежа е смешна, се разбира, но ја покажува потребата светот да не биде искривен на едната страна. Имав чувство дека сум одговорна за рамнотежата на сè околу мене.
 Детската потреба за песни и приказни на ист начин потекнува од нивната потреба да внесат ред во хаосот на светот. Сè се стреми кон ред. Песничките за деца, народните приказни, игрите, сказните, поезијата – сите овие ритмички организирани форми на постоење им помагаат на малите луѓе да го структуираат своето постоење во големиот хаос. Тие создаваат инстинктивна свесност дека редот е можен и дека секој има свое уникатно место во светот. Сè се стреми кон оваа цел: ритмичката организираност на текстот, буквите во редови и изгледот на страницата, импресиите од книгата исто така – структуирана целост. Големото се открива во малото и ова се одразува во книгите за деца дури и кога тие се за Бог или за фракталите. Книгите за деца се волшебна сила која ја промовира желбата и способноста на малите луѓе да бидат. Ја промовира нивната храброст да живеат.
 Во книгата, малото е секогаш големо, веднаш, а не дури откако ќе созрее. Книгата е мистерија во која може да го најдеш она што не си го барал, или кое не можеш да го достигнеш. Она што читателите на одредена возраст не можат да го разберат со умот останува во нивната свест како отпечаток и делува иако не е сосема разбрано. Сликовницата може да биде богатство од мудрости и култура дури и за возрасните, исто како што и децата можат да читаат книга наменета за возрасни и да си ја најдат својата приказна, со траги од животот кој тукушто расцутува. Културниот контекст ги формира луѓето, поставувајќи ги основите за впечатоците кои чекаат во иднината и за искушенијата кои ќе мора да ги преживеат, обидувајќи се да останат цели.
Книгата за деца означува почит за големината на малото. Претставува свет кој повторно и повторно се создава, игрива и прекрасна сериозност, без која сè, вклучувајќи ја и литературата за деца, е само празна зафатеност.
Накусо:
 Книгата го прави малиот човек интуитивно свесен дека ред е можен и дека секој има свое место во светото. Сè се стреми кон оваа цел: ритмичката организираност на текстот, зборовите во редови, изгледот на страницата, впечатоците од книгата како целосно структуирана целина. Големото се открива во малото и го создаваме во книгите за деца. Книгата е мистерија во која се открива она што не било барано, или она што ни е далеку од досегот. Книгата за деца е почит за големината на малото.

Автор: Инес Зандер
Превод од англиски: Марија Тодорова