28 March 2017

Да растеме со книгата!

Пораката на ИББИ по повод 2 април, Светскиот ден на книгите за деца, роденденот на Ханс Христијан Андерсен. Покровител оваа година е Русија. 

Кога бев многу малечок многу сакав да правам куќи од коцки и разни други играчки. Наместо покрив често ставав книга. Во соништата влегував во куќата, легнував на креветот направен од кутија за ќибритчиња и се загледував во облаците или во ѕвезденото небо. Зависно од тоа која слика ми се допаѓаше најмногу.

Интуитивно во животот го следев правилото на секое дете кое сака да создаде удобена и безбедна околина за себе. Книгата за деца навистина ми помогна да го постигнам ова.

Потоа пораснав, научив да читам, и книгата во мојата фантазија почна повеќе да личи на пеперутка, па дури и птица, отколку на кров од куќа. Страниците на книгата наликуваа на крилја и шушкаа. Небаре книгата која лежеше на первазот ќе летне низ отворениот прозорец во непознатите простори. Ја зедов в раце и почнав да читам, а книгата почна да се смирува. Така заминав во други земји и светови откривајќи нови простори на мојата фантазија.

Колку е убаво да држиш нова книга во рацете! Најпрво не знаеш за што се работи. Му одолеваш на предизвикот да ја отвориш првата страница. И колку убаво мириса! Невозможно е да се откријат компонентите на тој мирис: мастило за печатење, лепак . . . не, не е. Посебен е мирисот на книгата, возбудлив и единствен. Врвовите на книгата понекогаш се залепени, како да е уште сонлива. Се буди дури откако ќе почнеш да ја читаш.

Растеш, а светот околу тебе станува покомплициран. Се соочуваш со прашања кои ниту еден возрасен не може да ги одговори. Сепак, многу е важно да ги споделиш своите сомнежи и тајни со некого. А тука е повторно книгата да помогне. Повеќето од нас веројано барем еднаш помислиле: оваа книга е напишана за мене! И омилениот лик одеднаш наликува на тебе. Се соочува со истите проблеми и се справува со нив со гордост. А друг лик воопшто не наликува на тебе, но би сакал да бидеш како него, сакаш да бидеш храбар и вешт.

Кога некој ќе каже, ”Не сакам да читам!” јас се смеам. Не можам да ги разберам овие деца. Јадат сладолед, играат игри и гледаат интересни филмови. Со други зборови, сакаат да се забавуваат. А читањето не е само задача кон развој на чувствата и личноста, туку е пред се’ уживање. Токму со таква намера авторите за деца ги пишуваат своите книги.

Напишано од: Сергеј Макхотин
Превод од руски на англиски од Јана Шведова

Превод на македонски Марија Тодорова