31 March 2014

Награда за книга за деца

По повод 2 април, роденденот на познатиот дански писател за деца Ханс Кристијан Андерсен, кој во светски рамки се одбележува како Меѓународен ден на литературата за деца ја доделуваме наградата за необјавен ракопис за деца и млади. Оваа година имавме неколку пристигнати предлози, со одличен квалитет и беше навистина тешко да се избере победник.

Жирито едногласно одлучи наградата Вермилион за 2014 година да му ја додели на текстот со наслов „Магда Лена“ од Петре Димовски. Во делото на Димовски „солидно е доловена детската психологија и емоционалност за неколку ’тешки’ животни искушенија и загуби и тоа е можеби најзначајниот аспект на овој роман, се разбира дека квалитетот и на другите нивоа не изостанува“, вели м-р Трајче Стамески во образложението од жири комисијата.

Наградата се доделува за прозно необјвено дело наменето за деца од 8 до 14 годишна возраст, кое ги поттикнува децата да ги прифаќаат разликите и да одбиваат секаков вид дискриминација, ги прават поотворени кон другите култури и начини на живот и ги промовира концептите и идеите на толеранција и мир.

Награденото дело можете да го очекувате во книжарниците кон крајот на годината.

Петре Димовски до сега објавил повеќе од 20 дела, романи, збирки раскази и  монодрами. Покрај за деца и млади, создава и за возрасни. За своето литературно творештво досега има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои е и наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца во 2008 година. Го приредил и изборот од македонскиот расказ за деца за проектот „Македонска книжевност”. Живее и твори во Битола.