10 February 2014

Меѓународен ден на дарување книги

постерот е дизајниран од унгарската илустраторка Mariann Maray
Вермилион се придружува во прославувањето на Меѓународниот ден на дарувањето книги. На 14 февруари ќе подариме книги, а ве покануваме и вас да го сторите истото. Можете да подарите книга на некој свој пријател или член на семејството, или да оставите книга на место каде има деца (чекалница во болница, игралиште) или да подарите користена книга во библиотека или во друга организација која работи со деца. За секоја ваша подарена книга и ние ќе подариме една. Споделете ја со нас вашата приказна на кој начин и да сакате.

Одбележувањето на овој ден е целосно волонтерска иницијатива, посветена на целта што е можно повеќе нови, користени или позајмени книги да стигнат до рацете на што е можно повеќе деца. Денот на дарување книги почна да се одбележува во 2012 година, а веќе во 2013 се прославуваше во 34 земји низ светот. Иницијативата е поддржана од многу автори и илустратори за деца.

Книгите кои ќе ги подарите можете да ги обележите со специјално дизајнирани ознаки кои ќе ги најдете тука и тука. Или отпечатете го овој разделник за книги и ставете го во книгите кои планирате да ги подарите. Доколку имате блог или веб страница можете да го искористете овој беџ. А можете да организирате и ваш настан, во вашата заедница за да мотивирате и други луѓе да го следат вашиот пример и да подарат книги на деца, користејќи го постерот на македонски јазик.

Помислете и на децата во вашата околина кои немаат доволно книги за читање. Подарете книги во локални или меѓународни организации кои работат со деца кои се маргинализирани и кои не поседуваат доволно книги за читање.