14 January 2014

Народите низ приказните

илустрација: Нијам Шарки
Овогодинешниот покровител на Меѓународниот ден на литературата за деца е ирскиот огранок на ИББИ (Меѓународниот одбор на книги за млади). Ирскиот лауреат за детска литература, Шобан Паркинсон, ја напиша пораката за оваа година со наслов „Замислете нации низ приказна“:

Читателите често ги прашуваат писателите како ги пишуваат приказните - од каде доаѓаат идеите?  Од мојата фантазија, одговара писателот. Добро, може ќе кажат читателите. Но, каде е таа твоја фантазија, од што е направена, имаат ли сите таква фантазија. 

Па, одговара писателот, фантазијата ми е во главата, се разбира, а направена е од слики и зборови и сеќавања и траги од други приказни и зборови и делови од мелодии и мисли и лица и чудовишта и облици и зборови и движења и зборови и бранови и арабески и предели и зборови и мириси и чувства и бои и рими и мали кликови и зумови и вкусови и изблици на енергија и загатки и ветриња и зборови. И сето ова е во вртлог таму внатре и пее и калеидоскопира и плови и седи и мисли и си ја чеша главата. 

Се' разбира дека сите имаат фантазија: инаку не би можеле да сонуваме. Но, не секоја фантазија ги содржи истите нешта. Фантазијата на готвачите веројатно има најмногу вкусови, а фантазијата на сликарите најмногу бои и облици. Додека, фантазијата на писателите содржи најмногу зборови.

А фантазијата на читателите и слушателите на приказни најверојатно исто содржи зборови. Фантазијата на писателит ги преде и претвара идеите и звуците и гласовите и ликовите и настаните во приказна, а приказната не е составена од ништо друго, ами од зборови, трупи криви цртички кои маршираат низ страниците. И тогаш доаѓа читател и цртичките оживуваат. Тие остануваат на страниците, но исто така минуваат низ фантазијата на читателот, и сега читателот ги преде зборовите и тие во неговата глава создаваат приказна, како што претходно создавале во главата на пистаелот.

Затоа читателот е исто толку важен за приказната како и писателот. Секоја приказна има само еден писател, но има стотици или илјадници, па дури и милиони читатели, на јазикот на писателот, а некогаш и преведена на многу други јазици. Без писателот приказната никогаш не би била родена; но без сите илјадници читатели насекаде низ светот приказната не би можела да ги живее сите животи што ги живее. 

Секој читател на приказната има нешто заедничко со секој друг читател на приказната. Секој посебно, а сепак на некој начин сите заедно, тие ја пресоздаваат приказната на писателот во својата фантазија: чин кој е едновремено и личен и јавен, индивидуален и заеднички, интимен и меѓународен. Тоа е она што луѓето го прават најдобро.

Ајде и оваа година како и претходните да го прославиме заедно 2 април, како ден на кој се слави литератрата за деца со Фестивал на литературата за деца.