24 April 2013

Криста Јохансен во Скопје

Нашата пријателка Криста Јохансен е повторно во Скопје. Криста во Скопје ќе ја промовира својата втора книга преведена на македонски јазик во издание на Вермилион „Тори и пиратската кралица“ во соработка со Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје. Промоцијата на книгата ќе се случи на 26 април, петок, во 9.30 часот во просториите на Домот на култура „Кочо Рацин“. Средбата е отворена за сите заинтересирани, а специјални гости ќе бидат учениците од основното училиште „Гоце Делчев“ од Скопје.

На 27 април, сабота во 10.00 часот Криста ќе гостува и во невладината организација Сумнал каде ќе се сретне со децата кои го посетуваат центарот на Сумнал во Топаана и ќе им подари неколку примероци од својата најнова книга во издание на Вермилион.

Криста по втор пат е гостинка на Канадските денови на литературата од 26 до 28 април 2013 година. Таа како гостина на оваа манифестација во 2010 година ја доби и наградата „Ана Франк“ од Фондацијата „Македонија презент“ за придонес во развојот на литературата за деца. Во 2010 година Вермилион ја издаде првата во серијата авантури за старото и волшебно суштество Тори, „Тори и принцот змија“.

Преводот „Тори и пиратската кралица“ е на Марија Тодорова.