13 March 2013

Нови книги

Другите две книги кои ќе ги претставиме на Фестивалот на книгите за деца на 2 април 2013 во Домот на култура „Кочо Рацин“:

„Драг автору“ од Пол Меншип (9+)

Може ли Сем да си ја промени судбината? Запознајте го Сем Вилоби. Последен во базенот и најслаб во фудбал, го следи само лоша среќа. Или тој така си мисли. Но кога мистериозниот странец ќе му каже дека е „автор“ кој го режира неговиот живот, сè почнува да звучи многу подмолно. Особено откако сè тргнува наопаку во театарот Риверфронт пред полна публика. Може ли Сем да направи нешто за да го смени сценариото?

Пол Маншип живее со сопругата и со трите ќерки во селото Риудерин близу Њупорт. Тој е наставник во основно училиште и искуството од училницата го користи како испирација за своите книги. Неговиот прв роман „Врати назад“ беше во потесниот избор за наградата Глен Димплекс во 2006 година; а вториот роман „Коцката“ беше избран  од Друштвото на училишни библиотеки за еден од насловите во иницијативата „Момчиња кои читаат“ во 2008 година. „Драг автору“ е неговата трета книга за деца.

Преведот од англиски јазик е на Зоран Попоски.



„Внимавајте како играте“ од Ивона Шајатовиќ (13+)

Романот „Внимавајте како играте“ ја тематизира денес сè уште табу темата за деца во згрижувачки семејства. Иако има книги за сирачиња, темата за деца во згрижувачки семејства е уште нова во книжевноста. Приказната за тројцата штитеници – Каја, Бојан и Јасмина – ја импресионира читателската публика со рационалноста и грижата на Каја за другите двајца на трновитиот пат кон посвојување.

Ивона Шајатовиќ е родена во 1975 година во Копривница. Уште од млада не губела време и своите раскази ги објавувала во весници. Оваа амбициозна млада авторка вели дека сака да пишува бестселери и „дела кои луѓето ќе ги читаат“. И изгледа дека во тоа успева. Нејзиниот прв роман „Тајната на ланецот со седум рубини“ во 2003 година ја доби наградата Мато Ловрак за најдобар роман за деца. За втората книга „Внимавајте како играте“ ја доби наградата Ивана Брлиќ-Мажураниќ за најдобар неонјавен роман за деца и млади. Живее во Копривница со родителите и помалиот брат и мачката Бубимир, според која е создаден мачорот Миља од нејзиниот прв роман.

Книгата е илустрирана од Катерина Соколова. Од хрватски јазик овој роман го преведе Владимир Јанковски.