24 February 2013

Две нови книги


На Фестивалот за книги за деца кој ќе се одржи на 2 април во Домот на култура „Кочо Рацин“ Вермилион ќе промовира четири нови книги. Ви претставуваме две од нив.

„Зборообразувајќи ги местата“ од Ирен Ниг (14+)
 „ Зборообразувајќи ги местата“ се состои од прозни текстови од различна должина, од куси, кондензирани вињети до раскази и новели. Во овие текстови, главната тема на авторот е откривање на процесот на креативно пишување. Ирен Ниг почнува на ниво на зборот, поточно, звукот на зборовите. На ова ниво често е инспирирана од детските игри со новите зборови: непристрасно, со огромна љубопитност и сериозна посветеност. Со оглед на музичкиот квалитет во стилот на Ниг, не изненадува што танцувањето е една од главните метафори за процесот на креативното пишување. Заплетот и ликовите се подредени на музичката игра на зборови. Ниг открива и создава различни слоеви на значење во нејзиниот текст. Таа им се обраќа на ѕвездите, животните и човечките сродни души, меѓу кои брат и пријател. Само ретко пишува за конкретни политички настани. Животот е претставен како претстава со сцени кои постојано се менуваат, додека во процесот на креативно пишување секогаш „срцето ѝ е сопатник“. Книгата е добитник на Европската награда за литература 2011.

Ирен Ниг е родена во 1955 година во Шан, во Лихтенштајн. Ниг многу патувала пред да почне да студира новинарство на Институтот за Новинарство и комуникација на Универзитетот во Фрибург во Швајцарија. По студиите работи во областа на односи со јавност во повеќе организации, меѓу кои и Aktion Miteinander, која ги промовира правата на странците во Лихтенштајн. Ниг почнала да издава кратки дела проза прво во литературни магазини, а во 1988 година ја издава првата книга.

Преводот од германски е на Ксенија Чочкова.


„Млечниот пат“ од Барт Мујарт (10-13)

Приказната започнува на ѕидот пред „Кое и да е старо железо“, отпад за старо железо каде двајца отпадници собираат фрлени предмети. Од другата страна на ѕидот се наоѓа „Млечниот пат“, мала тивка уличка. Три деца седат на ѕидот:  браќата Боси и Оскар, и нивната пријателка Џина. Според нив ѕидот е вистински клуб, во кој има и мачка, фрижидер и удобни столчиња. Слушнете го авторот како чита од својата книга овде.

Барт Мујарт е роден во 1964 година во Белгија како седми син во семејството. Четири пати е номиниран за наградата Ханс Кристијан Андерсен, и шест пати по ред номиниран за наградата Астрид Линдгрен. Наградата „Златниот лав“ ја добива за пет од своите книги. Од 2003, Барт предава креативно пишување на Конзерваториумот во Антверп.

Оваа книга од фламански ја преведе Ели Пујовска. Ели во 2007 ја доби наградата Златно перо за преводот на „Розата и вепарот“ од Ане Провост исто за Вермилион.