29 June 2012

Повик за илустратор на книга за деца


Издавачката куќа за деца и млади „Вермилион“ бара илустратор/уметник за илустрација на корица и 20 помали внатрешни илустрации за книга за деца. 
Внатрешните илустрации треба да бидат црно-бели, a илустрацијата за корицата во боја.
Заинтересираните илустратори треба да испратат најмногу три (3) оригинални илустрации по е-пошта во JPG формат на vermilion.books@gmail.com
со назнака: КОНКУРС ЗА ИЛУСТРАЦИЈА
Краен рок за пријавување: 1 септември 2012.

Избраниот илустратор ќе добие награда од 10.000 денари. Името на илустраторот ќе биде објавено во книгата, а по желба ќе има можност за изложба во склоп на промоцијата на книгата.
Илустрациите треба да се достават во JPG формат, не поголеми од 1 MB, со резолуција не поголема од 100 dpi.
Илустрациите мора да бидат означени на следниот начин: ПРЕЗИМЕ_ИМЕ_1.JPG, ПРЕЗИМЕ_ИМЕ_2.JPG, ПРЕЗИМЕ_ИМЕ_3.JPG

 Текст:
- Што мислиш кој го зел? - девојчето до неа ја буцна со лактот, навредена што Каја постојано лебди на некој свој облак и ги игнорира, а се случуваат толку интересни работи.
- Не знам. Не ме замарај со тие глупости - се сепна Каја.
- Се кладам дека твојот Бојан има замешано прсти во ова - повторно шепна девојчето гледајќи ја љубопитно, надевајќи се дека Каја ќе издрдори и ќе и’ даде некоја ексклузивна информација.
- Ти вистина не си нормална - одговори Каја рамнодушно и почна да ги собира книгите во училишната торба, бидејќи само што ѕвонеше, а следниот час беше хемија и се одржуваше во специјално опремениот кабинет во приземјето.
Веднаш знаеше дека прво ќе се посомневаат во Бојан, и наставниците и децата. Имаше таква репутација и тоа беше речиси неизбежно. Тоа постојано се обидуваше да му го објасни, но тој беше толку тврдоглав.
Додека одеше кон кабинетот по хемија, забележа дека со Бојан, пред училиштето, стојат оние две момчиња кои го украдоа дневникот. Една секунда се мислеше дали вреди повторно со Бојан да се натега на таа тема, а потоа сепак одлучи да им пријде и да ги притисне, овојпат не Бојан, туку неговите играчи.
- Здраво дечки - кажа уморно. - И, се договоривте ли кој ќе признае? - праша небаре е некој строг инспектор. Момчињата вчудоневидено ја погледнаа, а Бојан налутено ги стегна усните.
- Си и’ кажал? - пропелтечи едно од момчињата вртејќи се кон Бојан.
- Ништо не сум и’ кажал. Ве видела додека сте го краделе дневникот - одговори Бојан. - Толку ве бива.