Две нови книги - два змеја
Две нови
изданија од наградени современи авторки за деца кои за првпат се претставуваат
пред македонската публика излегоа од печат од издавачката куќа „Вермилион“, специјализирана за книги за
деца и млади. Станува збор за романите „Прва помош за самовили и други ѕверки
од сказните“ од наградуваната шкотска писателка Лари Дон и „Последниот елф“ од познатата
италијанска авторка Силвана де Мари. Преводот
на македонски јазик на овие изданија се реализира со поддршка од Програмата за
култура на Европската Унија.
Романот „Прва
помош за самовили и други ѕверки од сказните“ покажува зошто критиката ја прогласи авторката Лари Дон за „новото големо
име во литературата за деца.“ Една вечер Хелен ја отвара вратата и на својот
праг наоѓа необично момче. Момче на кое му е потребна прва помош... од
ветеринар. Но мајката на Хелен, локалниот ветеринар, верува само во книги за
наука и нема да поверува во ова момче, па затоа Хелен ја позајмува
ветеринарната опрема, му ја лекува раната и дознава како се повредил. Така Хелен тргнува во потрага по
една изгубена книга, учествува во битка кај шумата Бордерс, заседа во Оркни и
бркотница низ темните тунели под Единбург. Таа открива дека има дарба за
гатанки и прва помош и се запознава со многу други ѕверки од приказните. Шкотската
авторка Лари Дон е родена во Чиле. Добитник е на наградата Канонгејт во 2001
година. Живее во Леит како писател и раскажувач, посетува училишта и зборува за
своите книги за деца и раскажува традиционални шкотски приказни низ целиот
свет. Преводот од англиски јазик е на Марија Тодорова, добитничка на наградата
„Златно перо“ за најдобар превод. (210 стр., за возраст 9-14 години)
