27 December 2011

КНИЖЕВНО ОТКРИТИЕ ОД РЕЈМОНД КАРВЕР СЕГА И НА МАКЕДОНСКИ

Збирка досега необјавени раскази од еден од светските мајстори на оваа книжевна форма, „Почетници“ од Рејмонд Карвер, излезе од печат во превод на македонски јазик од издавачката куќа „Вермилион“.
„Почетници“ нуди фасцинантен увид во естетскиот процес на една книжевна величина и со прашањата кои ги поставува во врска со авторството и стилот може да ја покрене една од најголемите културни дебати на нашето време.
Во 1976 година Рејмонд Карвер ја објавува збирката раскази „Ќе замолчите ли, ве молам?“, а со втората книга „За што зборуваме кога зборуваме за љубовта“ во 1981 година станува меѓународно познат по својот минималистички стил. Уредник и на двете изданија бил Гордон Лиш, кој пред објавувањето речиси го преполовил оригиналниот ракопис на „За што зборуваме...“, на големо изненадување на авторот. Карвер ја посветил книгата на потесата и авторката Тес Галагер, неговата идна сопруга, ветувајќи дека еден ден ќе ги објави расказите во нивната оригинална форма.
„Почетници“ ги претставува седумнаесетте раскази од „За што зборуваме...“ во нивниот оригинален облик во кој Карвер му ги предал на уредникот. Карверовата преокупација со суштината на нештата е исто толку присутна и во овие подолги приказни, но со нови слоеви, нијанси и значења. Книгата нуди и извонредно документиран библиографски увид во метаморфозите на оригиналниот текст на Карвер, кој бил скратуван од страна на уредникот дури и до 70 проценти.
Рејмонд Карвер (1938-1988) е еден од најзначајните прозни автори во САД. Првиот расказ го објавил во 1960 година, а во следните две децении неговите песни и раскази се објавени во низа списанија и антологии. Прогласен е за „американскиот Чехов“, а неговите раскази се сметаат за ремек-дела на американската проза.
Преводот од англиски јазик е на Зоран Попоски и Марија Тодорова, добитничка на наградата „Златно перо“ за најдобар превод.
Изданието е поддржано од Министерството за култура на Република Македонија во рамки на Годишната програма за култура.