12 September 2011

Повик за илустратори на книга

Издавачката куќа за деца и млади „Вермилион“ распишува конкурс за илустратор/уметник за илустрација на корица и 20 илустрации за книга за деца. Внатрешните илустрации треба да бидат црно-бели, а корицата во колор.

Ако сте заинтересирани ве молиме испратете најмногу три оригинални илустрации со максимална величина 130х200мм инспирирани од посочениот текст по е-пошта во JPG формат на vermilion.books@gmail.com
со назнака: КОНКУРС ЗА ИЛУСТРАЦИЈА
Краен рок за пријавување: 15 декември 2011

Избраниот илустратор ќе добие награда од 10.000 денари. Името на илустраторот ќе биде објавено во книгата, а по желба ќе има можност за мала изложба во склоп на промоцијата на книгата.

Текст:

Под селото имаше поле и река, а над селото стрмен, каменест пат кој водеше право пругоре кон градот. А, тој пат овде-онде го пресекуваше малечко планинско поточе, кое стануваше поголемо само кога ќе паднеа обилни врнежи, кога ќе надојдеше и здивеше водата и кога ќе започнеше да турка и носи се’ пред себе...
Е, веднаш покрај поточето беше и волшебното дрво за кое сега сакам да ви раскажувам.
Еден ден кога заедно со татко ми, рано в зори, поминувавме по тој пат сакајќи што побрзо да стигнеме и да го здогледам градот, токму покрај тоа волшебно дрво имаше ископано голема дупка. Се забележуваше дека е свежа, земјата ровка, а татко ми рече дека внатре имало грне злато и дека го откопал оној кој претходно го сонил. Според обликот на дупката, која копачот не успеал ни да ја покрие зашто било ноќе, се плашел и брзал, се гледаше дека тука лежел сад со облик на грне. А, дека бил земјен, исто така, можеше да се заклучи по едно малечко парче кое се одлушнало и останало тука.
Еден ден, ако станеш археолог, и ти ќе пронаоѓаш и откопуваш вакви садови полни со злато - рече татко ми, сакајќи уште повеќе да го подгрее моето љубопитство. Во тој миг, сигурно тој не ни претпоставуваше дека јас одвај чекам да се вратиме назад од градот - за уште еднаш да ја разгледам дупката, но и стапките во калта кои водеа десно од нашиот пат, кон едно друго планинско патче, кое постарите дедовци го нарекуваа арамиски пат, зашто тој навлегуваше длабоко во шумата и ретко кој се осмелуваше да врви по него, зашто имаше дивеч, но и остри и високи карпи.
И, така, речиси секој ден потоа, јас одев кај земјената дупка до волшебното дрво и со часови или седев на тревата која опојно мирисаше на мајчина душичка, ги набљудував дивите пчели, или пак, со дрвен колец копав во дупката за евентуално да не најдам нешто друго, но бидејќи не најдов ништо - еден ден му кажав на татко ми “каде си го губам времето“, но не заборавив да го прашам зошто кога се враќавме од градот за тоа дрво ми рече дека е волшебно.
Па, зошто е волшебно треба да откриеш ти, а не јас да ти кажам - налутено рече тој, додавајќи дека јас сум доволно голем за да го откријам самиот тоа.
Го набљудував стеблото на дрвото, му ја допирав кората, ги туркав мравките и бубачките кои лазеа по него, ја корнев тревата со раце или раскопував со дрвениот колец околу стеблото, но никако не можев да откријам зошто е волшебно, сî додека еден ден дрвото не расцвета и гранките не се разубавеа како млади невести со розов цут. Дури тогаш сфатив дека е тоа јаболкница и одвај чекав да се појават, заврзат и узреат нејзините плодови. Дали ќе бидат тоа диви кисели ситни јаболкца, или пак сочни слатки големи домашни јаболка - беше тоа мојата најголема дилема, заедно со мислата која ли уста прва ќе ги вкуси, зашто јаболкницата беше веднаш покрај самиот пат и секој можеше да ги дофати, да се качи до врвот од стеблото, да фрли со камен, да удри со прачка...
©2010 Вермилион