25 August 2011

ХРИСТО ПЕТРЕСКИ НАГРАДЕН ЗА НАЈДОБАР РАКОПИС ЗА ДЕЦА ОД „ВЕРМИЛИОН“

Иако малку задоцнето, поради продолжувањето на конкурсот, конечно можеме да го објавиме победникот на годинешниот конкурс за најдобар необјавен ракопис за деца од издавачката куќа „Вермилион“. Победник е збирката раскази „Златното јаболко и тринаесетте ѕвезди“ од Петрески. Збирката раскази на Христо Петрески, иако мала по обем, содржи богатство на теми раскажани со несомнена наративна вештина, кои на извонредно успешен начин ги поврзуваат современите проблеми од животот на децата со мотивите од народното творештво, притоа давајќи им нов живот на традиционалните приказни на различните народи кои живеат на нашето подрачје.

Како првонаградена на конкурсот, збирката на Петрески ќе биде објавена од издавачката куќа „Вермилион“ и свечено промовирана на 2 април 2012 година, по повод Светскиот ден на литературата за деца.



Христо Петрески е роден во 1957 година во Крушево. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1985 година. Петрески е магистер по културологија во книжевноста на Институтот за македонска литература при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" - Скопје. Сега е докторант на темата "Авторска бајка - компаративна анализа".

Досега за деца ги има напишано "Љубов плус" (Детска радост" - Скопје, 1993), "Скопскиот трамвај" ("Феникс" - Скопје, 1996), "Најголемата тајна" ("Феникс" - Скопје, 2004), "Збогум, Кензо Танге" ("Феникс" - Скопје, 2006), Детето што сакаше да стане пчела ("Феникс" - Скопје, 2010). Добитник е на наградите за книгата за деца "Скопскиот трамвај" - награда "Васил Куноски", за книгата "На умните не им требаат скали за качување" - награда "Ванчо Николески".

Покрај тоа што пишува за деца, Христо Петрески пишува и за возрасни.