05 April 2011

Гостување на авторката Ева Петрич

На покана од издавачката куќа за деца и млади ВЕРМИЛИОН од Скопје, младата словенечка авторка и уметничка Ева Петрич ќе биде специјален гостин на 23 Меѓународен саем на книгата во Скопје, што ќе се одржи од 12 до 17 април 2011 г.

На 16 април 2011, од 12.00 до 15.00 часот, Петрич ќе биде гостин на штандот на „Вермилион“ на Саемот на книгата и за посетителите ќе потпишува примероци од македонското издание на нејзиниот роман „Сите јадеа суши“. Македонското издание на романот на Ева Петрич „Сите јадеа суши“, објавено од издавачката куќа ВЕРМИЛИОН, е овозможено преку поддршката од Програмата за култура (2007-2013) на Европската унија.

Официјална промоција на македонското издание на романот на Петрич „Сите јадеа суши“ ќе се одржи на 19 април 2011, во 20.00 часот, во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје. Книгата е издадена во едицијата „Тајната градина“ наменета за читатели над 14 години.

Ева Петрич е родена во 1983 година во Крањ, Словенија, а во моментов живее и работи во Виена. Дипломирала психологија и уметност на Универзитетот Вебстер во Виена, а магистрирала уметност во нови медиуми на Трансарт Институт во Њујорк. Се занимава со пишување, фотографија, видео и перформанс.

Во 2007 година ја издава својата поетска збирка „Овој простор е кутија“, заедно со циклус од црно бели фотографии. „Сите јадеа суши“ (2009) е нејзиниот прв објавен роман. Авторка е и на романите „Кутија без кожа, лебди“ (2009), преведена на шпански, како и на поетската збирка напишана на германски јазик Dieser Raum ist ein Schachtel (2009). Авторка е и на четири филмски сценарија, од кои два имаат добиено грантови од Филмскиот фонд на Словенија.

Романот „Сите јадеа суши“ е номиниран за престижната литературна награда IMPAC Dublin. Рецензијата во словенечкиот неделник „Дело“ истакнува: „Прозниот првенец на Ева Петрич внесува во современата словенечка проза своевидна новост, но и предизвик“.

„Сите јадеа суши“ има анатомија на суши, и буквално и метафорички, бидејќи се состои од различни состојки. И како што состојките на сушито се завиткани во едно, главните јунаци на овој роман се исто така завиткани во сопствените љубовни приказни. Како што се одвиткува романот така се одвиткуваат и испреплетените љубовни приказни на три двојки кои како да наликуваат една на друга, само во различни околности.