06 March 2011

Меѓународен ден на книгата за деца

Овогодишниот покровител на Меѓународниот ден на книгата за деца, 2 април, е Естонија.

Книгата памети

„Кога Арно и татко му стигнаа до училишната зграда, часовите веќе без започнале.“

Во мојата татковина Естонија речиси секој наизуст ја знае оваа реченица. Таа е воведната реченица од книгата „Пролет“, издадена во 1912 година и напишана од естонскиот писател Оскар Лутс (1887-1953).

„Пролет“ говори за животите на децата кои посетувале парохиско училиште во Естонија кон крајот на XIX век. Оскар Лутс пишува за сопственото детство. Ликот Арно е всушност Оскар Лутс кога бил дете. Истражувачите ги проучуваат старите документи и врз основа на тоа пишуваат истории. Историите зборуваат за настани кои се случиле, но во нив не секогаш е јасно какви биле животите на обичните луѓе.

Книгите ги паметат оние приказни кои не можат да се најдат во документите. На пример, тие ни кажуваат на што мислел Арно во моментот кога одел на училиште пред сто години, или за што сонувале децата во тоа време, од што се плашеле и на што се радувале. Книгата се сеќава и на родителите, се сеќава каква иднина им посакувале на своите деца.

Се разбира дека можеме и сега да пишуваме многу интересни книги за старите времиња. Но денешниот писател не може потполно да ги знае мирисите и вкусовите, стравовите и радостите од далечното минато. Денешните писатели веќе знаат што се случило и каква е иднината на луѓето од минатото.

Книгата го памети времето во кое е напишана.

Од книгите на Чарлс Дикенс можеме да откриеме каков бил животот на децата на улиците на Лондон во средината на XIX век - во времето на Оливер Твист. Низ очите на Дејвид Коперфилд (очите на Дикенс) гледаме секакви ликови кои живееле во Англија во средината на XIX век - какви им биле односите, и како мислите и чувствата влијаеле на тие односи. Бидејќи Дејвид Коперфилд е на многу начини самиот Чарлс Дикенс, Дикенс не морал да измислува, туку знаел.

Од книгите знаеме како му било на Том Соер, Хаклбери Фин и нивниот пријател Џим на нивните патешествија по течението на реката Мисисипи кон крајот XIX век, кога Марк Твен пишувал авантури. Тој детално знаел што мислеле луѓето еден за друг, бидејќи живеел меѓу тие луѓе. Бил еден од нив.

Во литературата најточните сведоштва за луѓето од минатото се оние кои се напишани во времето кога живееле овие дамнешни луѓе.

Книгата памети.

Автор на пораката: Аино Петвик
Илустрација: Јири Милдеберг
Превод од англиски: Марија Тодорова