16 February 2011

Повик за илустратор на книга за деца

Издавачката куќа за деца и млади „Вермилион“ бара илустратор/уметник за илустрација на корица и 20 помали внатрешни илустрации за книга за деца. Внатрешните илустрации треба да бидат црно-бели.
Ако сте заинтересирани ве молиме испратете најмногу три оригинални илустрации со максимална величина 130х200мм инспирирани од посочениот текст на:
Вермилион
П.фах. 288
1001 Скопје
или по е-пошта во JPG формат на vermilion@t-home.mk
со назнака: КОНКУРС ЗА ИЛУСТРАЦИЈА
Краен рок за пријавување: 15 март 2011

Избраниот илустратор ќе добие награда од 10.000 денари. Името на илустраторот ќе биде објавено во книгата, а по желба ќе има можност за мала изложба во склоп на промоцијата на книгата.

Текст:

Девојчето од лед

Некогаш одамна, многу одамна, во едно мало и сосема непознато кралство си живееше сосема само едно мало девојче од лед. Девојчето немаше родители или барем никогаш не ги запозна. Немаше ниту пријатели, беше многу студена за некој да си игра со неа.
Живееше на врвот на една ѕвездена, снежна планина во малечка снежна куќичка. Секое утро безименото снежно девојче излегуваше од куќичката и го гледаше сонцето. Не можеше предолго да го гледа за да не се стопи.
На соседната планина, пак, живееше лошиот крал со своето семејство: злобната кралица и нивниот син единец. Принцот беше млад, чесен, убав како сонцето. Беше сосема спротивен од своите стари и грди родители. Еден ден принцот тргна на прошетка и како што обично бива, го сретна девојчето. Веднаш се заљуби: таа беше толку бела и убава како лед. Од ден на ден, кога излегуваше сонцето, принцот доаѓаше да ја гледа додека таа го гледаше сонцето. Во кралскиот дворец се враќаше необично среќен. Тоа им почна да им пречи на неговите родители, па решија да побараат помош.
Го посетија селскиот врач, својот безвреден и кутар слуга. Врачот беше целиот сив како глушец, тенок како стапче, а злобата му се гледаше во крваво црвените очи. Кога врачот ги здогледа кралот и кралицата пред својата врата, длабоко се поклони, како што прават сите потпикнувачи. Сепак, тој не беше сосема обичен врач. Знаеше да ја предвиди вистината и тоа на начин својствен само нему. Земаше два глинени сада, едниот го полнеше со вода, другиот со млеко, и ја префрлаше една течност во другата се додека во неа не ја видеше вистината. И така врачот почна со своето вражање и им предвиде на кралот и кралицата: „Вашите проблеми ќе се решат. Онаа што ја засака вашиот принц, е пријателка на коњот“. Сосема незадоволни од одговорот кралот и кралицата се вратија во својот дворец не разбирајќи ни збор од она што им го кажа врачот.
За тоа време младиот принц тргна да оди кај својата ледена девојка кога по патот виде чудно суштество, со качулка на главата, сиво како глушец, со црвени очи од кои се гледаше некакво светло. Младиот принц беше премлад и неискусен па не препозна дека тоа светло не е ништо друго ами злоба. Така, младиот принц му се доближи на суштеството. Овој му се претстави како сиромашен трговски патник кој продава волшебна напивка. Па принцот ја купи напивката. (Иако не веруваше дека е волшебен, сакаше да му помогне на човекот). Штом го купи малото темно црвено шишенце, човекот исчезна. Бидејќи принцот беше многу жеден се напи голтка од шишенцето и ... истиот миг принцот, убав како сонце, се претвори во коњ.
И така принцот-коњ луташе со денови (и ноќи) низ планината, исплашен и осамен, додека едно утро не го здогледа своето мало девојче како гледа во сонцето. И’ пристапи (сега, бидејќи беше коњ, можеше да и’ пристапи). На девојчето толку му се виде убав коњот што се согласи да си игра со него. Си играа цел ден, ама се случи несреќа! Во моментот кога играта беше најубава, на принцот му се лизна копитото и тој на место ја смачка малечката девојка. Тогаш коњот запрепастено крикна и отрча за веќе никогаш да не се врати.
По него наскоро дојде и Смртта. Беше сосема бела, како снег. Клекна покрај расфрланите делчиња од скршеното девојче, ги зема и ги однесе во својот подземен кралски дворец, такашто никој не ни знаеше дека девојчето некогаш постоело.
И така луѓето кои минуваа прашуваа: „Кој живее во онаа мала снежна куќичка на врвот на брдото?“ Се додека еден ден не им се врати одек: „Никој! Беше тоа премногу одамна!“

©2010 Вермилион