31 март 2010

Конкурс за книга за деца која промовира мир

Годинава на конкурсот за книга за деца која промовира мир пристигнаа три ракописи. Нашето жири составено од м-р Зоран Попоски (издавач), м-р Марија Тодорова (преведувач) и м-р Трајче Стамески (книжевен теоретичар) ги разгледаа пристигнатите ракописи како од аспект на книжевните вредности така и од аспект на задоволување на критериумите на конкурсот, а особено барањето доставените дела да ги поттикнуваат децата да ги прифаќаат разликите и да одбиваат секаков вид на дискриминација, да ги прават поотворени кон другите култури и начини на живот и да ги промовираат концептите и идеите на толеранцијата и мирот.

Жирито заклучи дека пријавените дела го задоволуваат едниот, но не и другиот критериум, па затоа награда нема да биде доделена. На сите пријавени им благодариме и им посакуваме голем успех во нивното натамошно творештво.

Ве покануваме да се пријавите на конкурсот следната година.

29 март 2010

2010 посветена на Џани Родари



Оваа година имаме многу причини да се потсетиме на Џани Родари: 90 години од неговото раѓање, 30 години од смртта и 40 години откако ја доби наградата Ханс Кристијан Андерсен, најзначајната награда за литература за деца во светот. Како единствен италијански добитник на наградата, овој автор се смета за најзначаен италијански писател за деца во 20 век и е преведен на повеќе од 50 јазици. Делата на Родари ја стекнуваат својата популарност како дел од класиците за деца бидејќи имаат „лесен допир, добро темпо, прецизност, видливи се и разновидни“. Тие се блиски до детскиот имагинарен свет, а едновремено можат да стимулираат и образуваат.

Родари започнал да пишува за деца за неделното издание на еден весник сè додека не собрал доволно песни за деца за да ги издаде во книга. Потоа, постепено сè почесто пишувал литература за деца, додека самиот студирал образование, наставни методи и психологија.

27 март 2010

„Розата и вепарот“ од Ане Провоуст

Розата и вепарот е богата книга, вистинско ремек дело на уметноста на јазикот.

Во приказната, убавината на главниот лик е поврзана со низа несреќи во нејзината околина. Самовилите се борат да ја задржат нејзината убавина, додека ангелите се борат за нејзината невиност. Откако Антверп ќе го погоди епидемија на сипаници, совршената убавина на Розалена ќе предизвика уште поголема нежност, фрустрации и агресија. На крајот, судбината ја води Розалена кон лордот Тиберт, грд како вепар и исто толку прост и невнимателен.

Внатрешната убавина или деформитет повторно докажуваат дека се посложени и понепредвидливи од физичката убавина.

Ане Провоуст е фламанска писателка. Родена е во Белгија во 1964 година. Студирала книжевност на универзитетот во Лувен. Членка е на ПЕН и на Кралската академија за холандски јазик и книжевност, како и амбасадор на Ханс Кристијан Андерсен од 2005 година. Живее во Антверп, Белгија, со сопругот и трите деца.

Добитник е на повеќе меѓународни награди за книжевност, меѓу кои: Златен був 1995, Златен бакнеж 1998, Книга лав 1998, Награда на Ди Цајт 2000, Награда на Австрија за млади читатели 2001.

20 март 2010

„Труба“ од Џеки Кеј

Третата едиција на Вермилион е наменета за млади над 18 години. Прва книга во оваа едиција е романот „Труба“

Романот „Труба“ од современата шкотска авторка Џеки Кеј е исклучителна книга од писателка која е извонредно вешт стилист. Раскажана со јасен, резервиран и крајно несентиментален јазик, „Труба“ е приказна за љубовта и за загубата.

Приказната започнува со смртта на познатиот џез трубач Џос Муди, кој зад себе ги остава сопругата Мили и нивниот посвоен син Колман. Кеј на извонреден начин ги претставува последиците од смртта на Муди и дознавањето на големата тајна која Џос и Мили внимателно ја криеле од останатиот свет – вклучително и од нивниот син.

Со јасна, елегантна проза и плејада живописни ликови, Кеј успеала да напише интригантен роман чиј главен јунак оставил печат врз многу животи, печат на љубов и мистерија.

Џеки Кеј (р. 1961, Единбург) е поетеса и романсиерка. Добитник е на наградата „Сомерсет Мом“ за поетската книга „Други љубови“ (1994) и на наградата на весникот „Гардијан“ за романот „Труба“ (1998).

06 март 2010

Роденденот на д-р Сус

Овој месец на низ Соединетите Американски Држави се слави роденденот на Д-р Сус (Dr. Seuss), автор и илустратор за деца. Има напишано над 60 книги за деца, меѓу кои најпознати се „Зелени јајца и сланина“, „Мачка со шапка“ и „Една риба две риби црвена риба сина риба“, како и филмските адаптациии „Како Гринч го украде Божиќ“ и „Хортон слушна кој!“. Повеќе...

„Колку повеќе читаш, толку повеќе ќе знаеш. Колку повеќе знаеш, толку повеќе места ќе видиш.“ д-р Сус, „Можам да читам со затворени очи“