03 December 2010

„Книга за сè“ во Меѓаши

Холандскиот автор Хус Кајер во својата „Книга за сè“ му се спротивставува на семејното насилство на начин кој е чувствителен, ненападен и полн со хумор. Томас, кој има девет години, знае дека мора да се соочи со својот татко и со помош на сосетката, г-а ван Амерсфорт, тој ќе собере храброст за отворено да проговори за насилството во своето семејство.

Токму затоа, 20 примероци од овој кус но прекрасен роман наменет за деца од 9-12 годишна возраст, но и за сите родители, беа донирани за потребите на Меѓаши. Дел од книгите ќе им бидат подарени на децата кои го посетуваат центарот, а дел ќе останата во нивната библиотека.

Во рамките на Првата детска амбасада во светот Меѓаши функционира и СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 (бесплатна линија)....линиите за помош на деца им ја даваат можноста на децата да добијат помош и да ги изразат своите проблеми.

Оваа година Првата детска амбасада во светот Меѓаши слави 18 години од своето постоење. Во извештајот за нивната работа пишува: Амбасадата со своите активности придонесе во развивањето и јакнењето на граѓанската свест за детските права. Taa го сруши молкот за детските страдања, особено за физичката, сексуалната и економската злоупотреба на децата, откривајќи во јавноста повеќе случаи на злоупотреби и директно ангажирајќи се за воспоставување поефикасни механизми за заштита на децата.“