31 October 2010

„Литературата за деца и културната разноликост“ од Марија Тодорова

Литературата за деца, за жал, сè уште е на маргините како на продукцијата, така и на истражувачките и академските анализи на литературата воопшто. Во светот оваа ситуација почнува да се менува. Следејќи ги светските трендови, но и својата посветеност на развивање и промоција на литературата за деца, издавачката куќа „Вермилион“ започна нова серија на теоретски книги кои ќе опфаќаат теми и прашања поврзани со литературата за деца, од истражувачи и теоретичари од различни дисциплини.

Нашата прва книга во серијата теоретски анализи поврзани со литературата за деца е книгата „Литературата за деца и културната разноликост“ на Марија Тодорова.

„Аспектите на стварноста што ги третира Марија Тодорова укажува на еден особен сензибилитет на авторката за фините и запоставени сегменти во градењето на културните вредности на онаа популација, имено детската, која е највулнерабилна но и најподготвена да се отвори кон светот во сето негово богатство.„ - проф. д-р Антоанела Петковска.

Марија Тодорова е лектор на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, Факултет за странски јазици. Тодорова е и преведувач на литература за деца од англиски јазик. Добитник е на наградите „Златно перо“во 2007 година и наградата за најдобар превод на Зимскиот саем во 2008 година. Во моментов е докторанд на Институтот за одбранбени и мировни студии.