08 September 2010

Денот на Роалд Дал

Секоја година на 13 септември во Британија и низ светот се слави Денот на Роалд Дал. На овој ден во 1916 година е роден познатиот писател на „Чарли и фабриката за чоколадо“ и многу други книги за деца. Денеска во светот Роалд Дал е познат како еден од најуспешните писатели за деца. Како што самиот вели „Јас повеќе ги сакам моите книги за деца од расказите за возрасни. Потешко е да се напише книга за деца. Потешко е да се задржи интересот на детето затоа што децата ја немаат концентрацијата на возрасните. Детето знае дека телевизорот е во соседната соба. Тешко е да го задржиш вниманието на детето, но прекрасно е да се обидеш.“
Во селото Грејт Мисенден, во срцето на Бакингамшир, 30тина километри северозападно од Лондон, каде живееше и пишуваше 36 години можете да го посетите Музејот на Роалд Дал.
Фондацијата Роалд Дал помага во подобрување на животот на сериозно болните деца, особено во областа на неврологијата (болест на мозокот) и хематологијата (болест на крвта).
Од 2008 година во Британија секоја година се доделува наградата Роалд Дал за авторот на најсмешната книга за деца.