03 September 2010

Славните пишуваат за деца

Книгата за деца на познатата холивудска црвенокоса актерка Џулијан Мур, „Јаготка со дамкаво лице“, ќе биде оживеана на сцена, преку музичка адаптација. Книгата се заснова на личното искуство и прекарот на актерката и го следи седумгодишното девојче кое пронаоѓа вистинско пријателство откако сите ја задеваат поради црвената коса и дамките.„Пишувањето за деца отсекогаш ми беше сон, но никогаш не очекував дека приказната ќе биде изведена на сцена како мјузикл“, изјави Мур.

Истиот тренд во пишување на книги за деца го следат и други познати холивудски актери. Еве неколку од нивните наслови:
„Дали навистина постои човечка раса?“ од Џејми Ли Кертис
„Приказна за богатството на Ноел“ од Глорија Естефан
„Голема книга за убаво однесување“ од Вупи Голдберг
На листата следат Брук Шилдс, Тори Спелинг, Џон Литгоу и др.

Мадона, пак, веќе има издадено неколку книги за деца. „Англиските рози“, „Авантурите на Абди“, „Јаков и седумте крадци“, „Невозможно“ и „Јаболките на господин Пибоди“ можат да се купат како комплет. Мадона доби доста добри критики како автор за деца.

На врвот на најпродаваните книги за деца во Британија се наоѓаат и книги од Пол Макартни, Кајли Миног, Џули Ендруз.

Па дури и Папата Бенедикт XVI неодамна ја објави својата последна книга за деца „Пријателите на Исус“ која раскажува за 12-те апостоли и Св. Павле.

Да се надеваме дека и нашите славни личности ќе добијат инспирација и ќе напишат некоја убава книга за најмалите, популаризирајќи го овој книжевен жанр.