20 July 2010

„Не предавај се Џозефин“ од Ханс Вилхелм

Со повеќе од четириесетидва милиони издадени книги Ханс Вилхелм е еден од најголемите американски автори/илустратори на книги за деца. Повеќето од неговите 200 книги се преведени на дваесет јазици и се адаптирани во анимирани телевизиски серии за деца низ целиот свет. Неговите книги имаат добиено бројни меѓународни награди и признанија.

Неговите илустрации можат да се најдат во постојаните збирки на Маза музејот за уметност, Дод центарот на Универзитетот во Конектикат, Керлан збирката на Универзитетот Минесота, де Грамонд збирката на Универзитетот во Јужен Мисисипи.

Ханс е роден во Бремен, Германија. Повеќе години живеел во Африка пред да се пресели во Америка. Сега живее во Вестон, Конектикат на една стара фарма со својата жена Џуди Хендерсон, која е уметник.

„Не предавај се Џозефин“ е приказна за малата пингвинка, која е разочарана затоа што не е добра на училиште, но открива дека е подобро да истраеш отколку да се откажеш. Приказната е достапна на македонски јазик, во превод на Марија Тодорова, на интернет страната на Меѓународната дигитална библиотека за деца.