21 May 2010

Иднината на издаваштвото за деца

Во последно време многу се зборува и се пишува за електронските изданија на книгите, па затоа решивме да пренесеме дел од размислувањата на експертите.

Мајкл Норис, медиумски аналитичар вели дека издавачите на книги за деца се „неверојатно важни“ за опстанокот на издаваштвото во целина. „Ако мислите на иднината на оваа гранка, можеме да се надеваме дека оние кои денес ја читаат „Многу гладната гасеница“ за неколку години ќе станат читатели на литература за возрасни“.

Во денешно време, издавачите за деца се обидуваат да ги привлечат децата да читаат нудејќи им придружни интернет страни кои се богати со слики кои на младите читатели ќе им ја приближат приказната. Заедно со приказната на страниците од хартија, децата можат да играат интернет видео игри, да добијат награди, да создадат интернет идентитети и да се зачленат во мрежи за дружење. Ова им создава потешкотија на издавачите и бара од нив постојана посветеност на пари и време.

Оние кои се љубопитни овде можат да добијат две бесплатни елетронски книги.

Авторите и издавачите за деца ги трансформираат своите изданија во дигитални верзии за новите телефони, комбинирајќи ги приказните со софистицирани звучни ефекти, анимации и 3Д ефекти. Некои од овие најнови верзии на книгите им дозволуваат на родителите и децата да ги снимаат своите гласови кога читаат.

За само неколку месеци „Д-р Сус“, „Љубопитниот Џорџ“, „Алиса во земјата на чудата“ и многу други детски литературни икони се појавија на екраните на мобилните телефони, најчесто за многу помала цена од цената на книгата купена во книжарница.

Ваквите книги отвораат многу прашања во жанрот на детските книги. За авторите, дигиталната платформа отвора големо поле за интерактивност со читателите на многу покреативен начин. За издавачите, отвораат потенцијално нов извор на приходи, особено од продажбата на игри поврзани со приказните. За родителите, ова значи уште една причина зошто децата да го позајмат телефонот на мама или на тато или да побараат сопствен мобилен телефон.

Електронските приказни се секако литература, но прашање е дали сè уште можеме да ги наречеме „книги“, бидејќи веќе не можат да се најдат физички во библиотека. Каде води сето ова? Дали се електронските читачи добри за младите читатели на долг рок? Она што се знае е дека сè уште најпотребна е добрата приказна, бидејќи публиката не може да се задржи само со технички трикови.