21 April 2010

Зелени вредности и меѓу книгите

Децата учат да се грижат за планетата Земја како што учат и сè друго. Бидејќи читањето би требало да е секојдневна активност за секое дете, сметаме дека е природно преку книгите кои децата ги читаат да им се пренесе еколошка свест. Од класиците како Лоракс од д-р Сус и Дарежливото дрво од Шел Силверстин, преку прирачници за еко-проекти што можете да ги направите заедно со вашите деца, книгите кои ги споделувате со вашето дете можат да помогнат тоа да развие почит кон планетата Земја и живиот свет на неа, како и да стане свесно за потребата за нивно зачувување и за идните генерации.

Затоа, прославувајќи го Денот на планетата Земја, ве потсетуваме на „зелените“ книги, и го најавуваме придонесот на „Вермилион“ кон поттикнувањето на еколошката свест кај читателите. Во серијата на книги кои зборуваат за екологијата прво ќе ги опфатиме малку повозрасните читатели со книгата „До Вавилон и назад“ од познатиот велшки автор и еколог Роберт Минхиник. Роберт Минхиник работи на полето на заштитата на животната средина и е еден од основачите на организациите „Пријатели на Земјата“ и „Одржлив Велс“. Збирката на есеи „До Вавилон и назад“ е добитник на наградата Најдобра книга во Велс за 2006 година.

Бидејќи заштитата на животната среди зазема централно место во денешниот свет, сметавме дека воведувањето на серија книги кои ќе зборуваат на оваа тема ќе придонесат да се развиваме како еколошки свесна издавачка куќа. Се разбира, сите наши изданија се печатат на рециклирана хартија.

Но ако сакате да направите уште повеќе, со Eco-Libris за секоја прочитана книга насадете дрво.