07 April 2010

Криста Јохансен на 22 меѓународен саем на книгата во Скопје

На покана од издавачката куќа за деца и млади ВЕРМИЛИОН од Скопје, познатата канадска писателка за деца Криста В. Јохансен ќе биде специјален гостин на 22 Меѓународен саем на книгата во Скопје, што ќе се одржи од 13 до 18 април 2010.

На 14 април, со почеток во 16 часот, Јохансен ќе присуствува на промоцијата на македонското издание на нејзиниот фантастичен роман за деца „Тори и принцот-змија“. За време на настанот авторката ќе потпишува книги за посетителите на штандот на „Вермилион“.

Во рамки на нејзиното гостување на Саемот на книгата, на 15 април во 13 часот авторка К. В. Јохансен свечено ќе ја добие и меѓународната награда „Ана Франк“, што ја оделуваат книгоиздателството „Феникс“ и Фондацијата „Македонија презент“. Жирито одлучи да ја награди популарната писателка за книгата „Тори и принцот-змија“ поради извонредниот сликовит и живописен стил, и заплет полн со пресврти и магија, кој ги освојува младите читатели.

К. В. Јохансен е авторка на десетина фантастични и научно-фантастични романи за деца и млади, збирки на раскази за возрасни, како и серијата на сликовници „Пипин и Мејбл“. Јохансен е родена во Кингстон, Онтарио, Канада во 1968 година. Студирала англиски јазик и историја на Универзитетот Маунт Алисон, а магистрирала средновековни студии во Центарот за средновековни студии на Универзитетот во Торонто, како и англиски јазик на Универзитетот Мекалистер во Хамилтон. Живее во Саквил, Канада. Членка е на Сојузот на писатели на Канада, Толкиновото здружение, како и Друштвото за проучување на раноанглиски текстови. Добитничка е на низа национални награди за литература, како Наградата за рана детска писменост (2000), Наградата Френсис Е. Расел за истражување на детската литература (2004), Наградата Лила Стирлинг од Канадското друштво на писатели (2006) и наградата Ен Конор Бример (2008).