„Труба“ од Џеки Кеј
Третата едиција на Вермилион е наменета за млади над 18 години. Прва книга во оваа едиција е романот „Труба“
Романот „Труба“ од современата шкотска авторка Џеки Кеј е исклучителна книга од писателка која е извонредно вешт стилист. Раскажана со јасен, резервиран и крајно несентиментален јазик, „Труба“ е приказна за љубовта и за загубата.
Приказната започнува со смртта на познатиот џез трубач Џос Муди, кој зад себе ги остава сопругата Мили и нивниот посвоен син Колман. Кеј на извонреден начин ги претставува последиците од смртта на Муди и дознавањето на големата тајна која Џос и Мили внимателно ја криеле од останатиот свет – вклучително и од нивниот син.
Со јасна, елегантна проза и плејада живописни ликови, Кеј успеала да напише интригантен роман чиј главен јунак оставил печат врз многу животи, печат на љубов и мистерија.
Џеки Кеј (р. 1961, Единбург) е поетеса и романсиерка. Добитник е на наградата „Сомерсет Мом“ за поетската книга „Други љубови“ (1994) и на наградата на весникот „Гардијан“ за романот „Труба“ (1998).