01 April 2010

Светски ден на книгата за деца




По повод 2 Април - Светскиот ден на литературата за деца ВЕРМИЛИОН, следејќи ја својата традиција, подари 100 книги од своите изданија на Домот за деца без родители „11 Октомври“ и „СОС Детско село“ од Скопје, во вкупна парична вредност од 31.000 денари.

Светскиот ден на литературата за деца се одбележува на 2 април, роденденот на познатиот детски автор Ханс Кристијан Андерсен. Во целиот свет овој ден се одбележува со цел да се поттикне љубовта кон читањето и да се посвети посебно внимание на литературата за деца. Секоја година различна земја ја има честа да биде меѓународен промотор на Денот на литературата за деца. Оваа година тоа е Шпанија. Постерот со кој годинава ќе се одбележи е дело на илустраторката Ноеми Виламуса, а пораката со наслов „Un libro te espera, buscalo!” („Книгата те чека, најди ја!“) ја напиша Елиасер Кансино, еден од најпознатите шпански автори за деца и млади.

Un libro te espera, buscalo! Книгата те чека, најди ја!

Елиасер Кансино

Си беше еднаш

едно мало бротче,

кое не знаеше

кое не можеше

да плови

Една, две, три,

четири, пет, шест седмици поминаа,

и малото бротче

отплови.

Учиме да играме и да пееме пред да научиме да читаме. Децата во мојот крај ја пееја оваа песна пред да научат да читаат. Правевме круг на улица, а нашите гласови се натпреваруваа со оние на штурчињата, повторувајќи ги стиховите за малото бротче кое не можело да плови.

Понекогаш правевме и мали бротчиња од хартија и ги стававме во баричките, а тие потонуваа пред да стигнат до брегот.

И јас бев како мал брод закотвен во улиците на моето маало. Попладнињата ги поминував на кровот гледајќи во сонцето на заоѓање и предвидувајќи ја далечната иднина - иако не ми беше јасно дали ѕиркам во просторот или во моето срце - замислувајќи си прекрасен свет кој ми е на дофат на раката.

Зад кутиите, во оставата, дома имаше и една мала книга која не можеше да отплови, бидејќи никој ја немаше прочитано. Толку пати поминав покрај неа, а ниту еднаш не забележав дека е таму. Бротче од хартија заглавено во калта: осамена книга, сокриена на полицата зад кутиите.

Еден ден, мојата рака бараше нешто и го допре грбот на книгата. Да бев јас книга, вака ќе раскажував сега: „Еден ден, раката на едно дете ја допре мојата корица и јас почувствував како едрото се распнува и како запловувам“.

Колку се изненадив кога ја здогледав! Книгата беше мала со црвена корица и златен печат. Ја отворив со исчекување, како некој кој тукушто пронашол сандак со богатство и со нетрпение очекува што ќе пронајде внатре. И не се разочарав. Само што почнав да читам, открив дека ме чека авантура; хероизмот на главниот лик, добрите, лошите, илустрациите со објаснувања кои ги разгледував по неколкупати, опасностите, изненадувањата... сето тоа ме однесе во свет кој беше возбудлив и непознат.

Ете тоа е приказната како открив дека недалеку од мојата куќа има река, а на крајот од реката море, а во морето брод кој плови. Првиот брод на кој отпловив се викаше Хиспаниола, но можеше да се вика и Наутилус, Росинанте, бродот на Синбад или Големиот брод на Хаклбери... Сите тие, колку и да минало време, ќе чекаат некое дете да ги погледне, да им ги наполни едрата и да запловат...

Затоа не чекај. Подај рака и одбери книга. Прочитај ја и ќе откриеш дека како и мојата песна од детството, нема брод, колку и да е мал, кој со време нема да научи да плива.