06 април 2009

„Водниот коњ“


Најновата книга од „Вермилион“ е приказната за потеклото на митското чудовиште од Лох Нес. Но, она што наликува на чудовиште е само игриво и питомо суштество кое бргу ќе се спријатели со Кирсти и Ангус. „Водниот Коњ“ е приказна исполнета со магија и мистерија карактеристична за шкотскиот фолклор, но истовремено е и алегорија за различностите и за тоа како преку надминување на непознавањето и предрасудите децата откриваат пријател во страшното чудовиште.

Дик Кинг Смит е еден од најплодните и најчитаните британски автори за деца. Две главни карактеристики на неговиот стил се прекрасното чувство за хумор без лажна сентименталност и длабоката верба во можностите да се совладаат сите тешкотии и да се успее наспроти предизвиците. Животните се чести јунаци во неговите книги, меѓу кои се „Господин мајмун“, „Глувчето наречено Волк“, „Храброто прасе Бејб“.

„Водниот коњ“ на Дик Кинг Смит е идеална семејна книга за читање на глас.

Донација за библиотеката „ДРУГАРЧЕ“



На 2 април 2009 година, во 12.00 часот во просториите на библиотеката „Другарче” во Скопје, издавачката куќа ВЕРМИЛИОН свечено додели донација на библиотеката „Другарче”, по повод 2 април, светскиот ден на литературата за деца. Како поддршка на работата на единствената библиотека посветена исклучиво на децата, библиотеката „Другарче” од Скопје, издавачката куќа ВЕРМИЛИОН донираше 90 книги од своите изданија, во вкупна парична вредност од 31.000 денари.