25 October 2009

Лепчето на Палче - бенок

На авантурите со Палче често јадевме леб. Кога живееш талкачки живот, како Палче, не можеш да носиш со себе големи количини квасец, па затоа еве како таа прави леб. Овој леб е малку тежок, се разбира, оти нема квасец за да биде убав и лесен. Но нема авантура без малку неудобности. Овој леб е многу вкусен кога е топол, а кога е многу сув секогаш можеш да си го натопиш во супа или чај. Во Моровеј, се разбира, секогаш се јаде со сирење. А понекогаш и со јајца од гуска.
Помешај една и пол шолја овес, една шолја брашно, и прст-два сол.
(Кога велам овес, мислам вистинско брашно од овес: сомелен овес, а не овесни снегулки. Ако живееш покрај стара мелница не би требало да е тешко да најдеш брашно. Ако не, тогаш ќе треба малку да се помачиш, меѓутоа би требало да можеш да го најдеш некаде. Во еден свет кој го познавам го нарекуваат „шкотско брашно“, според земјата во која ваквите лепчиња се толку важни што еднаш се водела војна затоа што еден крал изгорел едно лепче. Или така некако, не сум сигурна. Имаше ли и пајак во таа приказна? Веројатно сум побркала неколку приказни. Да, кога ќе размислам подобро, изгледа сум ги побркала. Кралот кој ја изгорел тортата е од сосема друга земја. Ама ајде, и помнењето на моите приказни е доволно тешко. Ако не успееш да најдеш брашно, не очајувај, стави овесни снегулки. Веројатно и така ќе биде вкусно.)
Со прстите (ама прво измиј си ги рацете, бидејќи иако сите треба да се извалкаат понекогаш, ова не е време за тоа), замешај третина шолја путер. Потоа замешај околу третина шолја зовриена вода. Замеси го тестото. Треба да биде многу тврдо, а не лепливо. Ако е премногу суво, додај уште вода; ако е премногу течно, додај уште брашно.
Може да се испече на рамен чист камен покрај оган, но и скара ќе заврши работа, или тава. Витезите понекогаш ги користеле своите штитови, но бидејќи во времето на Палче сите штитови биле дрвени, ова не ќе беше добра идеја. А и покрај тоа, таа воопшто нема штит.
Стави на тавата малку масло. Потоа земи топче тесто колку што можеш да држиш на дланка, со дланките и со прстите сплескај го да биде тенко. Треба да биде дебело околу еден сантиметар. Направи колку што собира на каменот или во тавата и стави ги да се печат. Можеш да ги поткренеш со нож или со шпатула да видиш дали се готови. Ќе имаат кафени кругови. Внимавај да не зaгорат, но ако се малку поцрнети на неколку места не е страшно. Сврти ги за да се испечат и од другата страна. Зависно од тоа колку ти е голема тават (или каменот), ќе треба да ги печеш во неколку серии.
Кога ќе завршиш ќе има доволно за тебе и уште двајца пријатели, а може ќе остане и за појадок, во случај гоблинот да не бил многу гладен. Ова лепче многу заситува. Највкусно е кога се јадесо путер, џем, мед или моровејско сирење.
Друг вид на колачиња од овес кои се добри да се понесат кога се оди во авантура се нарекуваaт овесни торти. Тие се посуви од лебот на Палче, и личат на тенки, крцкави бисквити. Во еден свет кој го знам, може да се најде добар рецепт за нив во „Од кујните на Нова Скотија“, а може и да се купат готови во продавница и се нарекуваат „шкотски овесни торти“.

© 2008 K.V. Johansen
слика: Wikipedia, licensed under the
Creative Commons Attribution ShareAlike 3.0
превод: Марија Тодорова