02 април 2008

Петар Пан во Институтот за белодробни заболувања кај децата



На 2 април 2008, Петар Пан и неговата пријателка вилата Ѕвончичка ги посетија децата кои се лекуваат во Институтот за белодробни заболувања во Козле. Тие не само што на дечињата во болницата им пренесоа дел од чудесната земја Недојдија, туку и им ја подарија книгата „Петар Пан во црвено“ од Џералдин Макоркран.

Оваа книга е дел од донацијата која издавачката куќа Вермилион му ја додели на Институтот за белодробни заболувања. Останатиот дел од донацијата се состои од парична поддршка за работата на Институтот. Средствата од донацијата, според директорот на Институтот, ќе бидат искористени за купување на компјутерска опрема која ќе помогне хоспитализираните деца и персоналот од Институтот да имаат пристап до што повеќе информации користејќи интернет.

На овој ист ден целиот свет го одбележува Светскиот ден на книгата за деца и го промовира и поттикнува читањето на книги. Децата преку различните приказни се запознаваат со различните култури, различните начини на живот и израснуваат во личности кои имаат поголемо разбирање за светот во кој живеат. Се надеваме дека иницијативата ќе ги поттикне и родителите што повеќе да им читаат на своите деца и читањето да прерасне во семејна активност, на тој начин негувајќи ја оваа значајна вештина за децата.

НАГРАДЕН КОНКУРС

По повод 2 април, светскиот ден на литературата за деца
Издавачката куќа “ВЕРМИЛИОН” распишува

НАГРАДЕН КОНКУРС
ЗА КНИГА ЗА ДЕЦА КОЈА ПРОМОВИРА КУЛТУРА НА МИР

Право на учество на конкурсот имаат сите граѓани на Република Македонија. Пристигнатите дела треба да ги исполнуваат следните услови:

• Да бидат оригинални дела на македонски јазик и не смеат да бидат претходно објавувани;
• Да спаѓаат во жанрот роман или збирка раскази за деца;
• Да бидат наменети за деца од 8-14 годишна возраст;
• Да ги поттикнуваат децата да ги прифаќаат разликите и да одбиваат секаков вид на дискриминација, да ги прават поотворени кон другите култури и начини на живот и да ги промовираат концептите и идеите на толеранцијата и мирот.

Најдобрата необјавена книга за деца во служба на мирот и толеранцијата ќе биде наградена со откупна парична награда од 30.000 денари и ќе биде објавена.

Конкурсот е анонимен. Текстовите во електронски облик (компакт диск или дискета) треба да се предадат најдоцна до 15 септември 2008 година, во шифриран плик испратен на следната адреса:

ВЕРМИЛИОН
П.Фах 288
1001 Скопје

Во друг, посебно означен плик, што ќе биде отворен по изборот, треба да биде наведена шифрата и контакт информации за авторот на делото.

Доставените дела не се враќаат. Дозволени се номинации само од авторите на делата. Одлуката на жирито е конечна.

Учесниците ќе бидат известени за резултатите од конкурсот најдоцна до 15 ноември 2008. Свеченото доделување на наградата и претставувањето на објавеното дело ќе биде на 2 април 2009 година.