01 October 2008

Месец на книгата

За некои од нас читањето не е само здобивање со знаење, туку можност да се влезе во световите кои може никогаш нема да ги видиме.

Октомври е месецот на книгата, кога го поттикнуваме читањето и ги охрабруваме оние кои поретко читаат да земат книга – и не само да земат книга, туку и да им ја прочитаат на своите деца. Постојат повеќе причини зошто да им читаме на нашите деца. Една од најдобрите е заеднички поминатото време.

Постојат и други причини. Децата на кои им било читано се подобри во училиште – не само затоа што стекнале повеќе знаење од книгите, туку затоа што научиле подобро како да зборуваат: нивниот речник е побогат и подобро ја разбираат моќта на комуникацијата.

Како што ќе им читате на вашите деца, наскоро ќе имаат омилени приказни и ќе бараат повторно да им ги прочитате. Ова е моментот кога треба да побарате од вашето дете само да ја раскаже приказната. На тој начин детето ќе ја вежба својата меморија што доаѓа прво, што второ, а што трето. Вашите деца ќе уживаат во раскажувањето на приказна од книга која нема текст, туку многу слики. Тоа ќе им помогне да ги користат своите јазични вештини и креативноста.

Постарите деца читаат за разонода и да избегаат од реалноста. Да станат дел од нови интересни светови или на кратко да го заборават светот во кој живеат. Обично децата кои читаат подоцна и добро ќе пишуваат. Читајќи добра литература го учат ритамот на јазикот и го зголемуваат речникот и учат како се создаваат реченици.

Овој месец посетете ги книжарниците, купете некоја убава книга за деца и читајте им на своите деца.