02 April 2008

Петар Пан во Институтот за белодробни заболувања кај децата



На 2 април 2008, Петар Пан и неговата пријателка вилата Ѕвончичка ги посетија децата кои се лекуваат во Институтот за белодробни заболувања во Козле. Тие не само што на дечињата во болницата им пренесоа дел од чудесната земја Недојдија, туку и им ја подарија книгата „Петар Пан во црвено“ од Џералдин Макоркран.

Оваа книга е дел од донацијата која издавачката куќа Вермилион му ја додели на Институтот за белодробни заболувања. Останатиот дел од донацијата се состои од парична поддршка за работата на Институтот. Средствата од донацијата, според директорот на Институтот, ќе бидат искористени за купување на компјутерска опрема која ќе помогне хоспитализираните деца и персоналот од Институтот да имаат пристап до што повеќе информации користејќи интернет.

На овој ист ден целиот свет го одбележува Светскиот ден на книгата за деца и го промовира и поттикнува читањето на книги. Децата преку различните приказни се запознаваат со различните култури, различните начини на живот и израснуваат во личности кои имаат поголемо разбирање за светот во кој живеат. Се надеваме дека иницијативата ќе ги поттикне и родителите што повеќе да им читаат на своите деца и читањето да прерасне во семејна активност, на тој начин негувајќи ја оваа значајна вештина за децата.