11 March 2008

Илустрациите во книгите за деца конечно добиваат признание


Не е „Мона Лиза“ ниту пак „Мајката на Вистлер“, но сликите како „Многу гладната гасеница“ или други познати илустрации од книгите за деца се стекнуваат со почит во високите уметнички кругови.
Иако некогаш се сметаше за жанр кој е забавен, но кој лесно се заборава, тој сé почесто станува дел од музејските колекции и се изучува на часовите во уметничките училишта.
Истовремено, како што расте почитта за уметноста во книгите за деца, следат и парите. Колекционерите ги купуваат илустрациите како инвестиција. Експертите велат дека сигурен знак дека некој жанр е прифатен е кога музеите, колекционерите и филантропите се подготвени да ги отворат паричниците, а ова сé почесто е случај со уметноста за деца.
„Оваа уметничка форма не се вреднува колку што заслужува иако големите илустратори на книги за деца работата под влијание на историјата на уметноста и модерните трендови,“ вели Х. Николс Б. Кларк, директор на музејот Карл (
Carle Museum), во кој изложуваат бројни уметници и во чија постојана колекција се делата од долгогодишната кариера на Ерик Карл, вклучувајќи ја и „Гладната гасеница“.
Музејот Такома, Уметничкиот институт од Чикаго и Новобританскиот музеј за американска уметност од Конетикат во својата програма имаа изложби на илустрации за деца. „Не можам да кажам дека ги гледаме исто како што би гледале еден Моне, но сепак мислам дека им се посветува сé повеќе внимание,“ вели Џин Сауса, директорот на Уметничкиот институт од Чикаго. „Тоа е посебна дисциплина. Не мора да се натпреварува со Моне и сличните на него бидејќи има своја посебна вредност како уметност.“