10 мај 2007

Кампања за „зелена“ издавачка индустрија

Организацијата за заштита на животната средина Greenpeace започна кампања која има за цел да ја направи издавачката индустрија позелена“. Причина за тоа е фактот што издавачите на книги, a меѓу нив и оние кои печатат книги и сликовници за деца, се директни уништувачи на старите шуми.

Први кои се приклучија на кампањата се околу 72 издавачки куќи од Канада. Ним им се придружија и издавачи од Европа. Во Велика Британија два од петте најголеми издавачи воведоа нова политика за користење на хартија. Во Шпанија, петнаесет наслови и повеќе од 700.000 примероци се испечатени на рециклирана хартија, а истото се случи и со повеќе од 130.000 книги во Италија.

Најголемиот издавач во Германија, Random House Germany, сите свои наслови ги печати на хартија сертифицирана од Forest Stewardship Council. Неколку нови наслови во Франција и Белгија се испечатени на рециклирана хартија, вклучувајќи ја и последната книга од серијата Хари Потер, „Хари Потер и принцот со мешана крв“.

Покрај Џ.К. Роулинг и други светски познати автори како Јан Ранкин, Гинтер Грас и Изабел Аљенде соработуваат со Greenpeace за нивните идни книги да бидат печатени на рециклирана хартија или хартија со сертификат од Forest Stewardship Council (FSC).

Секоја година милиони хектари стара шума се сече и преработува за потребите на меѓународни компании во евтин градежен материјал и други производи од дрво, вклучувајќи и хартија.

Водени од грижата за животната средина, во издавачката куќа Вермилион решивме нашето издание „ Петар Пан во црвено“, но и сите идни изданија на оваа куќа да бидат печатени на рециклирана хартија. Иако само мал, сметаме дека со овој чекор ќе ја заштитиме природната околина во која живееме, но ќе поттикнеме и други да ни се придружат.

09 мај 2007

За јазикот во „Петар Пан“

Кој не го помни Петар Пан, палавото дете кое лета на вилински прав и не сака никогаш да порасне. Овој јунак на шкотскиот писател Џ.М Бери, “роденво 1911 година, стана симбол за радостите на детството, а книгата Петар Пан се претвори во класика на литературата за деца, преведувана на речиси сите познати јазици.

Меѓутоа, како и голем дел од литературата за деца создавана во минатите векови (пр. делата на Радјард Киплинг или Марк Твен), иПетар Панне е лишен од делови кои денес предизвикуваат чудење. Книгата се одликува со јазик кој во современи услови на моменти прозвучува не само чудно, туку и неприфатливо.

На пример, третманот на женските ликови воПетар Пане многу стереотипен. Кога ќе го споредиме бројот на женски ликови во оваа книга со бројот на машки ликови, ќе видиме дека тој е многу помал. А и оние неколку женските ликови кои се присутни (Венди, Ѕвончичка, Тигрестата Лилија и сирените), имаат функција да се натпреваруваат меѓу себе за вниманието на Петар Пан, кој не им возвраќа на ист начин. Малата Венди е затворена во традиционалната улога на домаќинка и мајка. Па така, додека изгубените момчиња смислуваат и учествуваат во авантури, нејзината улога е да се грижи за нив.

Џералдин Макоркран, авторката на новото продолжение на приказната за Петар Пан, Петар Пан во црвено (2006), се обидува (и успева) да остане многу блиска до оригиналот на Џ.М. Бери, без некритичко преземање на спорните моменти. Макоркран своето дело и ликовите во него ги прави посоодветни за денешната култура на градење на почит кон другите. Тоа е најочигледно во нејзината ублажена слика за родовите разлики и улоги. Едно од изгубените момчиња се враќа во Недојдија како девојче, новата вила е момче, а мајките добиваат помалку важна улога (сега и татковците ги бараат своите деца). Венди повеќе не е само домаќинка, туку и самата презема иницијатива и учествува во авантурите.

Покрај родовите стереотипи, оригиналниотПетар Панстрада и од етнички стереотипи. Тоа најмногу се забележува во начинот на кој Џ.М. Бери ги претставува староседелците на Американскиот континент. За нив го употребува зборот Црвенокошци и ги претставува единствено како примитивни воини. Во обид да остане што поверна на оригиналот, Макоркран ги задржува воените бои и земањето скалпови како опис на староседелците на Америка, а зборот Црвенокошци зачудувачки повторно се среќава на неколку места во книгата. Ако за Џ.М. Бери успеавме да најдеме објаснување во времето во кое живеел, во кое овие стереотипи биле секојдневни и вообичаени, тогаш станува тешко да се објасни зошто Макоркран одлучила да ги задржи стереотипите од некое друго време во денешни услови кога тие не соодветствуваат на променетите состојби.

Како заклучок, и оригиналот и продолжението на Петар Пан се книги чија фантазија ги плени читателите од сите возрасти. Сепак, не смееме да заборавиме дека, како и кај другите книги за деца, потребно е отворено да поразговараме со децата кои ги читаат за стереотипите кои, намерно или не, се присутни во нив.