04 June 2007

Преводот и културната разноликост

Генералното Собрание на Обединетите Нации ја прогласи 2008 година за меѓународна година на јазиците. Целта е да се промовира единството преку лингвистичката разноликост, пишува во нивното известување за печат. Собранието ги повика државите и Секретаријатот да работат заедно на заштита на сите јазици во светот и побара од Секретаријатот да назначи координатор за повеќејазичност. Претставниците од Андора изјавија дека: „Заштитата на јазиците е еден од основните столбови на културната разноликост“.

Светот се движи, а комуникацијата игра сé позначајна улога. Сепак, треба ли сложеноста на оваа ситуација да нé натера да прифатиме lingua franca само за да стане поедноставно или треба да ги браниме нашите различни идентитети, културната разноликост и малите јазици? Одговорот е сосема јасен, а УНЕСКО го вметна во својата Универзална декларација за културна разноликост: „Културната разноликост е неопходна за човештвото колку што е биолошката разноликост неопходна за природата“.

Никаде не е нагласено, но оваа разноликост не би можела да биде загарантирана да не е дискретното присуство – омниприсуството – на преводот. Обиди се и замисли само еден единствен ден без превод? Преведувачите се во с’ржта на комуникацијата, вечни пренесувачи на идеите и акциите кои го движат светот во кој живееме. Преведувањето е во срцето на човечката интеракција и ги чува нашите различни култури и лингвистички идентитети.

Постојат многу различни начини како да се постигне ова, но еден од најзначајните е преведувањето на литературата. Литературата ја одразува душата на една нација, а изложеноста на литературата на другите народи ни помага подобро да развиеме почит за сето богатство што постои.