10 May 2007

Кампања за „зелена“ издавачка индустрија

Организацијата за заштита на животната средина Greenpeace започна кампања која има за цел да ја направи издавачката индустрија позелена“. Причина за тоа е фактот што издавачите на книги, a меѓу нив и оние кои печатат книги и сликовници за деца, се директни уништувачи на старите шуми.

Први кои се приклучија на кампањата се околу 72 издавачки куќи од Канада. Ним им се придружија и издавачи од Европа. Во Велика Британија два од петте најголеми издавачи воведоа нова политика за користење на хартија. Во Шпанија, петнаесет наслови и повеќе од 700.000 примероци се испечатени на рециклирана хартија, а истото се случи и со повеќе од 130.000 книги во Италија.

Најголемиот издавач во Германија, Random House Germany, сите свои наслови ги печати на хартија сертифицирана од Forest Stewardship Council. Неколку нови наслови во Франција и Белгија се испечатени на рециклирана хартија, вклучувајќи ја и последната книга од серијата Хари Потер, „Хари Потер и принцот со мешана крв“.

Покрај Џ.К. Роулинг и други светски познати автори како Јан Ранкин, Гинтер Грас и Изабел Аљенде соработуваат со Greenpeace за нивните идни книги да бидат печатени на рециклирана хартија или хартија со сертификат од Forest Stewardship Council (FSC).

Секоја година милиони хектари стара шума се сече и преработува за потребите на меѓународни компании во евтин градежен материјал и други производи од дрво, вклучувајќи и хартија.

Водени од грижата за животната средина, во издавачката куќа Вермилион решивме нашето издание „ Петар Пан во црвено“, но и сите идни изданија на оваа куќа да бидат печатени на рециклирана хартија. Иако само мал, сметаме дека со овој чекор ќе ја заштитиме природната околина во која живееме, но ќе поттикнеме и други да ни се придружат.