Петар Пан во акција за помош на детското здравје
Во духот на изворната донација на Џ.М. Бери, кој со подарувањето на авторските права за „Петар Пан“ на Детската болница „Грејт Ормонд Стрит“ одлучи неговиот книжевен јунак не само да ги забавува, туку и да им помага на децата, ВЕРМИЛИОН со македонското издание на оваа книга ќе се обиде да им помогне барем малку на децата кои се лекуваат во Институтот за белодробни заболувања во Козле.
Македонското издание на “Петар Пан во црвено” ќе биде промовирано на Саемот на книгата од 17 до 22 април, на штандот на ИЛИ-ИЛИ, а по затворањето на саемот ќе може да се најде во книжарниците ширум Македонија.
Издавачката куќа ВЕРМИЛИОН е посветена на промовирање литература за деца и млади, во превод и од домашни автори, која поттикнува меѓународно разбирање и ширење на вредностите на културата за мир. Неодамна оваа издавачка куќа ја востанови и откупната награда за необјавен роман или збирка раскази за деца од македонски автор кој промовира мир и толеранција.
Сите изданија на ВЕРМИЛИОН ќе се печатат на рециклирана хартија.
Благодарност до ИЛИ-ИЛИ и Репринт за нивната помош во реализацијата на оваа акција.