07 April 2007

Ѕирни во „Петар Пан во црвено“

„Следниот ден, поради настинката госпоѓа Венди остана дома, но старите момчиња се најдоа во Кенсингтонските градини со мрежи за фаќање пеперутки и почнаа да талкаат наваму-натаму. Бараа вили.

Дуваше силен ветер. Нешто бело и воздушесто го допре лицето на господин Нибс и тој крикна. “Ене една! Ме бакна!” И господата потскокнувајќи тргнаа по него. Ветерот стануваше сé посилен. И други бели туфки почнаа да прелетуваат покрај нив, сé додека не заличи дека воздухот е преполн со снегулки, кои се вртеа и танцуваа, лесни како пердуви. Старите момчиња ја изгазија тревата трчајќи наваму-натаму, фаќајќи вили, газејќи се едни со други, викајќи и кликајќи, “Фатив една!”

И ОФ!”

Еве една, види!”

Но кога ѕирнаа во мрежите за фаќање пеперутки таму најдоа само воздушесто семе од првите летни глуварчиња. Немаше ниту една вила.

Цел ден бараа. Додека сонцето заоѓаше, а сколовранците се собираа над светкавиот град, старите момчиња се сокрија во кенсингтонските грмушки. Раните ѕвезди се осмелија да се појават на небото, нивниот отсјај ја красеше Серпентина. И одеднаш воздухот затрепери од крила!

Пресреќни, скокнаа од скривалиштата и се растрчаа наваму-натаму со размавтани мрежи.

Моја е!”

О, Боже!”

Внимавај!”

Уф! Гледај каде одиш, господине!”

Па ова било одлична забава!”

Но кога ги превртеа мрежите што имаше? Мушички и молци и водени цветови.

Фатив една! Дефинитивно! Неспорно!” викна господин Џон нагмечувајќи го својот цилиндер на главата за да го зароби она што го имаше внатре. Другите се собраа околу него туркајќи се за да видат. Повторно ја симна шапката, со силна воздишка; господин Џон пофати со показалецот и палецот и извади нешто од сатенската постава и го крена за да им го покаже сјајното, меко, со виолетов сјај, тиркизно тело на...

Обично вилинско коњче.

Господин Џон ги рашири прстите и осум пара разочарани очи го испратија прекрасното суштество на неговото колебливо и разиграно враќање кон водата.

Мислам дека нема ниту една вила...” почна доктор Карли, но останатите го фрлија на земја и му ја покрија устата со раце.

Не кажувај! Никогаш да не си го кажал тоа!крикна господин Нибс препрашено. “Зарем не се сеќаваш? Секогаш кога некој ќе каже дека не верува во вили, некоја вила умира!”

Не реков дека не верувам во вили!” возврати докторот рамнејќи си го стутканиот костум. “Сакав да кажам дека тука нема ниту една вила. Вечерва. Во парков. Панталоните ми се целите во кал, ме изедоа бубачки, а уште не сум ни вечерал. Ќе кренеме ли раце?”

Другите стари момчиња погледнаа наоколу во самракот на паркот и далечните, слаби улични светла. Ги погледнаа ѓоновите на чевлите, да не згазнале некоја вила по грешка. Погледнаа во водата на Серпентина, во ѕвездите да не откријат вистински вили кои се капат. Немаше ни вили ни вилински прав. Можеби, на крајот на краиштата, сепак нема да се враќаат во Недојдија.

И подобро. Каква апсурдна идеја,” заржа господин Џон, но никој не му одговори.

Пречесниот Слајтли од џепот извади едно сјајно меурче во сите бои на виножитото. “Вчера сонував дека играм ватерполо со сирените,” кажа. “Кога се разбудив, на перницата го најдов ова.”

Меурчето пукна и исчезна.

Кога дојдоа назад до портата на паркот, таа беше затворена. Старите момчиња мораа да се прекачат и судијата Тутлс си го искина најубавиот костум од твид.“